GT 43 нов модел во серијата на Mercedes-AMG купе со 4 врати
Mercedes годинава ни ја покажа новата линија „Four-Door Coupe“ со GT 63 S, GT 63, а сега со GT 43 како влезно-ниво на серијата
По лансирањето на GT 63 и GT 63 S на почетокот на оваа година, Mercedes започна со проширување на линијата на купеа со четири врати. Овој пат како новитети ни се претставени AMG GT 53 4MATIC+ и AMG GT 43 4MATIC+, со слични меѓусебни перформанси.
Новиот GT 43 ни доаѓа со 3.0 шест-цилиндерски линиски мотор, кој испорачува 367 коњски сили и максимален вртежен момент од 500 Nm. Исто така опремен со 3.0 литарски мотор е и GT 53, но со 68 коњски сили повеќе, односно со 435 КС и вртежен момент од 520 Nm. Забрзувањето од 0-100 km/h кај GT 43 е за 4,9 секунди со максималната брзина од 270 km/h, додека GT 53 од 0-100 km/h развива за импресивни 4,5 секунди и достигнува максимална брзина од 285 km/h.
Од аспект на потрошувачката, која и не претставува така релевантен фактор при избор на ваков автомобил, комбинираната потрошувачка и кај двата модели е меѓу 9,1 до 9,4 l/100 km, со CO2 емисија од 215-209 g/km, која спаѓа во новата класата на Euro 6d-TEMP стандардите.
Што се однесува до трансмисијата, овие модели се опремени со девет-степен автоматски менувач придружуван со конвертор на вртежен момент со погон на четири тркала. Исто така тие ни доаѓаат во комплет со електричен систем од 48 волти и технологијата „EQ Boost“ која нуди дополнителни 22 коњски сили и 250 Nm вртежен момент за кратки временски периоди.
Карактеристичниот надворешен дизајн е речиси идентичен и кај двата модели GT 43 и GT 53. Истото се однесува и за интериерот, кој доаѓа во три различни варијанти со карактеристичниот дисплеј во централната конзола. Интересното и кај двата модели е тоа што имаат голем број на разни персонализирани опции во поглед на опремата, па така се лесно прилагодливи за сечиј вкус.
Овие модели се засега достапни само во Европа, а што се однесува на цената, во Германија GT 43 е поевтин од GT 53 за речиси 17.000 евра, со прилично актрактивна цена од 95.259 евра.