Hispano Suiza почнува со производство на Carmen Boulogne
Компанијата Hispano Suiza се подготвува за почеток на производството на ултра луксузниот суперавтомобил Carmen Boulogne во Барселона
Carmen Boulogne моделот на Hispano Suiza полека се подготвува за влез во продукциска фаза, а компанијата ги започна своите подготовки, со оглед на тоа дека за производствениот процес се потребни 12 месеци, а првиот автомобил е закажан да биде испорачан во 2022 година.
Hispano Suiza ќе произведе само пет примероци на Carmen Boulogne. Оваа полесна и поексклузивна варијанта на електричниот хиперавтомобил ќе се приклучи на 14-те примероци на регуларниот Carmen со име кое му оддава почит на H6 Coupe тркачкиот автомобил од 20-тите години на минатиот век, кој и донесе три последователни победи на компанијата во 1921, 1922 и 1923 во трките околу францускиот град Булоњ.
За напојувањето на Carmen Boulogne се задолжени четири перманентно магнетизирани синхронизирани електромотори, по два на двете задни тркала, кои испорачуваат вкупна моќност од 1.114 КС, што е 95 КС повеќе од стандардниот Carmen модел, како и 1.600 Nm вртежен момент. Со својата тежина од 1.630 килограми, на автомобилот за спринтот до „стотка“ му се потребни само 2,6 секунди во Sport возачкиот режим, а тука се и Comfort и Eco режимите. Максималната брзина е електронски ограничена на 290 километри на час.
Под автомобилот се наоѓа 80 kWh литиум-јонска полимерна батерија која поддржува 80+ kW брзо полнење. Потребни се 30 минути за батеријата да се наполни од 30 на 80 проценти преку CCS2 брз полнач, а кога е целосно наполнет, автомобилот може да помине 400 километри. Батеријата е дизајнирана и произведена од самата компанија, заедно со системот за контрола на температурата која обезбедува оптимална операција на ќелиите.
Цената на Carmen Boulogne стартува од 1,65 милиони евра во Европа, без даноци.