fbpx

Honda бара нови партнерства за профитабилна електрификација

Јапонскиот производител Honda е подготвен да создаде нови алијанси со други производители со цел да има побезболна електрификација

Трансформацијата кон целосно електрични возила е неизбежна, а кога станува збор за Европа, тоа по се изгледа ќе се случи во блиска иднина. Голем дел од европските производители веќе ја најавија својата стратегија за електрификација, но дел остануваат затекнати од најавените проблеми. Поради ова, Honda е отворена за склучување нови партнерства со други производители со цел да ги сподели трошоците потребни за електрификација и да ги направи електричните автомобили профитабилни во иднина. Барем таков е планот на новиот извршен директор на компанијата, Тошихиро Мибе.

„Доколку преку алијанса Honda може рано да ги достигне целите кои ги има зацртано, тогаш ние сме отворени за формирање на алијанса… Креирање на алијанса ќе претставува огромен скок напред во смисла на зголемување на бројот на електрични возила, со оглед на тоа колку електрификацијата во моментов не е комерцијално исплатлива“, изјави Мибе, а пренесува Reuters.

И покрај тоа што признава дека електричните автомобили не се профитабилни во моментов, извршниот директор на Honda очекува нивните цени да опаднат драстично во следните години, користејќи ги домашните електрични уреди како пример. Освен тоа, големите корпорации како Stellantis, Volkswagen Групацијата, Hyundai-Kia и Renault-Nissan-Mitsubishi полесно ги апсорбираат високите развојни трошоци за новите технологии, нудејќи ги во голем број на модели.

Honda

Нови ЕВ во најава

Honda веќе соработува со General Motors за развојот на две електрични возила. Новите модели ќе ги користат Utium батериите на GM, а двата производители ќе имаат корист од новата е:Architecture платформа. Покрај електрификацијата, Honda и GM работат заедно на автономни системи и технологија на водородни ќелии.

Откако е назначен како извршен директор на Honda во април годинава, Тошихиро Мибе јасно посочи дека ја поддржува електрификацијата. Во моментов, едиственото целосно електрично возило на јапонскиот производител е Honda E автомобилот, додека најголемиот дел од поставата е сочинета од хибриди, особено во Европа каде сите модели ќе бидат електрифицирани до 2022. До 2040 година, Honda ќе продава исклучиво електрични и возила со технологија на водородни ќелии.

Поврзани вести

Back to top button