fbpx

Honda најави нов електричен кросовер за Европа со e:Ny1 концептот

Јапонскиот производител Honda ги откри своите планови за лансирање на два нови кросовери за европскиот пазар во блиска иднина

Honda ќе ја прошири својата понуда во Европа со два нови кросовери кои ќе бидат лансирани наскоро. Едниот ќе биде целосно електричен, а вториот хибрид. Исто така, ги потврди и електрифицираните верзии за престојната, нова генерација на CR-V.

Електричниот кросовер ќе биде помал според димензиите, а дизајнот неодоливо потсетува на HR-V. Моделот е најавен со концептот наречен e:Ny1 Prototype и најверојатно ќе биде поставен на издолжена верзија на Honda Е платформата.

Honda

„Новиот електричен SUV од B-сегментот кој пристигнува на пазарот во 2023 ќе биде центарот на идната постава на производи на Honda. Нудејќи уникатна мешавина на динамика, технологија и дизајн по кои Honda e препознатлива, овој автомобил ќе биде одлична опција за семејствата кои сакаат да го купат својот прв електричен автомобил“, изјави Кацухиса Окуда, претседател на Honda Europe.

Никакви технички спецификации не се откриени за e:Ny1 Prototype но тој би можел да е поврзан со e:NS1 и e:NP1 концептите од Кина, кои имаат 68,8 kWh батерија која нуди опсег на движење до 500 километри.

Хибриден кросовер со препознатлив изглед

Хибридниот кросовер кој Honda го најави, пак, се уште нема име. Сепак, ако се суди по фотографиите, лесно може да се претпостави за што станува збор. Доколку истиот ве потсетува на нешто што веќе сте го виделе, тоа е бидејќи станува збор за истиот автомобил кој Honda го искористи за да го најави новиот HR-V за американскиот пазар кој ќе дебитира на Салонот во Њујорк. За да не дојде до забуна, европската верзија на HR-V веќе е достапна на пазарот и е иста како онаа во Јапонија, но нема никаква врска со новата американска верзија на моделот.

Honda

„Во 2023 Honda дополнително ќе ја прошири достапноста на нашиот e:HEV хибриден систем со лансирањето на целосно нов SUV во C-сегментот. Заедно со постоечките HR-V и CR-V, како и целосно новиот e:NY1, овој автомобил ќе биде опција за оние клиенти кои се во потрага по спортска, динамична, целосно хибридна опција“, изјави Том Гардинер, потпретседател на Honda Motor Europe.

Кога станува збор за новата генерација на CR-V, истата ќе биде достапна во хибридна и plug-in хибридна варијанта за првпат во Европа, а продажбата се очекува да стартува во 2023.

Поврзани вести

Back to top button