Honda се откажува од бензинските и дизел мотори во Европа
Според потпретседателот на Honda, Јан Хауелс, јапонскиот производител сака да стави крај на моделите со мотори на внатрешно соговување во Европа
Honda има сериозни планови за да се откаже од продажбата и производството на автомобили со конвенционални мотори на внатрешно согорување во Европа до 2023 година, како дел од повеќенасочниот пристап за намалување на емисијата на штетни гасови.
Ова не е прв пат да слушаме вакви најави од Honda, но според претходните информации, требаше да прејдат на електрифицирани возила до 2025 година. Но, поинаквиот развој на ситуацијата во Европа ги натера да ги забрзаат плановите. Јапонците сериозно се подготвуваат за преоѓање на електрифицирани автомобили, па така идните модели на Honda во Европа, ќе бидат хибридни, а јапонскиот бренд најавува и уште еден електричен автомобил.
Хауелс исто така верува дека се уште има простор за разни други технологии. „Своја улога можат да играат и е-горивата, како и водородот, до некој степен и конвенционалните горива, како и батериите“.
Сега, додека Honda ја поддржува електрификацијата, вкупниот трошок за електричните возила претставува една од причините поради која Хауелс не ги гледа овие видови на возила како моментално решение за намалување на испуштањето на CO2.
„Тие се од една третина до 50 проценти поскапи од конвенционалните или хибридните возила“, смета тој. Јапонскиот бренд верува дека хибридната технологија претставува ефективен начин за транзиција од чистата моќ на внатрешно согорување кон целосно електричниот погон.
Истовремено, шефот на Honda е свесен за лимитот кој го имаат хибридите. „Тие не ни нудат целосна замена за електричните возила и токму затоа ние нив ги гледаме како транзиција или мост на технологии кои ќе не одведат до еден момент во кој технологијата зад батериите и инфраструктурата ќе бидат на место кое ќе не одведе напред за нудење на масивна персонална мобилност со нов тип на енергија“.