Hyundai и Apple започнуваат соработка за автономни возила
Според информациите кои пристигнуваат од Јужна Кореа, Hyundai и Apple се блиску до договор за создавање на автономни електрични возила
Како што пренесува Korea IT News, корејскиот производител на автомобили Hyundai и технолошкиот гигант Apple до март годинава треба да започнат соработка која ќе се однесува на производство на автономни електрични возила. Производството е закажано да започне од 2024 година во САД.
Овој извештај доаѓа само неколку дена откако Hyundai потврди дека има почетни разговори со Apple околу тоа да му понуди помош на технолошкиот гигант со лансирањето на самовозачкиот електричен автомобил. Ова резултираше со раст на акциите на Hyundai за речиси 20 проценти, пренесува Reuters.
Истиот извештај пренесува дека корејскиот производител и Apple планираат да лансираат „бета верзија“ на Apple автомобилите во текот на следната година. Настрана шпекулациите, она што во моментов се знае е дека Apple прави напредок со технологијата за автономни возила и сака да произведе свој автомобил кој ќе се карактеризира со некој вид на нова технологија за батерии.
Исто така, таму каде што има чад има и оган, а иако минатата недела Hyundai истакна дека навистина имале разговори со Apple, но дека тоа било се, нешто очигледно се случува меѓу двете компании. Сега останува да видиме што можеме да очекуваме од Apple кога станува збор за автомобилите. Дури и шефот на VW групацијата, Херберт Дис верува дека технолошкиот гигант може да биде главен играч во автомобилската индустрија.