Hyundai ја претстави спортската Kona N
N семејството на Hyundai доби уште еден член и тоа првиот кросовер во поставата, а станува збор за малата Kona која се приклучува на i20 N, i30 N и Veloster N
Hyundai ја претстави целосно новата Kona N кој е првиот N кросовер, моделот нуди „победничка комбинација на разноликост, одлично забрзување, агилност и подотвеност за тркачките патеки“. Со оглед на тоа дека станува збор за перформансен модел, купувачите под хаубата ќе најдат 2,0-литарски четирицилиндричен мотор кој испорачува 280 КС и 392 Nm максимален вртежен момент. Но, ова може да се зголеми и на 290 КС со користење на N Grin Shift функцијата.
Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка кој содржи голем број модификации за високоперформансно користење. Меѓу промените се специјално тјунираниот сооднос на брзините и уникатно калибрираната контрола единица која овозможува побрзо менување на брзините.
Благодарение на моќниот мотор и перформансниот менувач, Kona N може да забрза од 0 до „стотка“ за 5,5 секунди при користење на Launch Control. Максималната брзина која спортскиот и перформансен кросовер може да ја достигне е 240 километри на час.
Кога станува збор за перформансите, треба да се напомене дека Kona N има N Grin Shift, N Power Shift и N Track Sense Shift функции. N Grin Shift ги максимизира перформансите на моторот и трансмисијата на околу 20 секунди, додека N Power Shift се активира за време на забрзувањето и го максимизира вртежниот момент при менување на брзините. N Track Sense Shift го оптимизира менувањето на брзините за поспортско возење.
Перформансните карактеристики на кросоверот не завршуваат тука, бидејќи истиот пристигнува опремен со 19-инчни тркала, заедно со високоперформансен сопирачки систем. Kona N исто така доаѓа и со дифефренцијал со електронско ограничено пролизгување, кој нуди „максимизирана забава во свиоците“. Меѓу останатите карактеристики тука е варијабилниот издувен систем, засилената структура и пет возачи режими – Eco, Normal, Sport, N и Custom.
Агресивен дизајн на екстериерот и спортски ентериер
Новата Kona N се одликува со агресивен екстериер кој е еволуција на Kona N Line. Промените се веднаш воочливи со оглед на тоа дека високоперформансниот модел отскокнува благодарение на уникатната решетка и црвените акценти. Кросоверот исто така има и заштитни пластики во боја на каросерија, спортски странични прагови и преден спојлер.
Поголеми промени има на задниот дел каде што Kona N го добива третото триаголно стоп светло и дводелниот спојлер кој ја зголемува потисната сила. Моделот исто така добива и огромен двоен издувен систем и N обележја. На крајот, Kona N ќе биде достапна со ексклузивна Sonic Blue боја, која е нова нијанса од Performance Blue на Hyundai.
Унапредувањата продолжуваат и во внатрешноста, каде што возачите ќе најдат спортски управувач со N спецификации и head-up екран кој дава нова димензија во N или Sport возачките режими. Тука е и дигиталниот инструмент кластер и 10-инчниот инфозабавен систем со стоперка и мапа на тркачките патеки. Исто така, Hyundai го опреми Kona N со спортски педали и спортски седишта со N лого, а дизајнерите додадоа и Performance Blue акценти.
Секако, моделот пристигнува со голем број на безбедносни и системи за асистенција, а повеќе детали за Kona N ќе бидат објавени кога автомобилот ќе се доближи до своето лансирање, но од Hyundai истакнуваат дека моделот ќе биде релативно пристапен кога станува збор за цената.