Hyundai објави фотографии и тизер видео за новиот i20N
N одделот на Hyundai во втората половина од годинава ќе ја претстави спортската верзија на актуелната генерација на моделот i20
Не помина многу време откако Hyundai ја претстави третата генерација на својот модел i20, а веќе пристигна потврда дека јужнокорејскиот производител оваа година ќе ја претстави и спортската верзија i20N и со тоа i30N нема повеќе да биде единствениот спортски модел кој пристигнува од N одделот на Hyundai.
N одделот на Hyundai добива голема помош во тестирањето на спортскиот модел i20N и од фабричкиот рели тим на Hyundai кој се натпреварува во WRC шампионатот, а посебен допринос во зимските тестови во Шведска дава и Белгиецот Тиери Новил кој се натпреварува во едно од возилата на Hyundai во WRC. „Исклучително интересен автомобил, исклучително прецизен, одлично управување и мошне интересен звук“, изјави Новил.
Иако и самиот автомобил и понатаму е под камуфлажа, сепак постојат некакви назнаки за тоа како ќе изгледа спортската верзија на адутот на Hyundai од B сегментот. Јасно е дека i20N визуелно ќе се дистанцира во однос на стандардната верзија која беше претставена неодамна. Она што прво е забележливо се алуминиумските фелни и нископрофилните гуми, додека низ истите се наѕираат далеку поголеми кочници од оние кои се наоѓаат кај обичниот i20. Се чини дека Hyundai i20N е значително понизок од изворниот модел, а сето тоа е во согласност со тенденциите за високи перформанси.
Со оглед на тоа дека предниот и задниот дел од возилото се и понатаму маскирани, за истите не може да се каже премногу. Сепак, се очекува Hyundai i20N да има помал преден сплитер, заден спојлер, поголеми всисувачи за воздух и можеби двоен завршеток на издувниот систем.
Премиерата на i20N во втората половина од оваа година
И покрај тоа што Hyundai објави официјални фотографии од тестирањата во Шведска, како и најавно видео за i20N, сепак од јужнокорејската компанија не објавија официјални информации кога станува збор за перформансите и спецификациите. Сепак, се очекува i20N да се напојува со засилена верзија на 1,6-литарскиот четирицилиндерски турбобензински мотор кој се наоѓа кај кросоверот Kona. Според некои информации, спортската верзија на i20 би требало да има околу 200 КС, што би требало да биде доволно за да конкурира на останатите модели на конкурентите.
Со оглед на високите оценки кои досега ги доби Hyundai i30N, никој не се сомнева дека и помалиот производ на N одделот на Hyundai ќе биде подеднакво успешен. Моделот би требало да биде претставен во втората половина од годината, а во продажните салони се очекува кон почетокот на идната година.