Hyundai подготви ЕВ концепт базиран на Pony
Корејскиот производител Hyundai претстави единечен дизајнерски концепт базиран на моделот Pony од 70-тите години, но со електричен погон
Во Hyundai тивко и ненадејно претставија дизајнерски концепт кој е базиран на легендарниот модел Pony од 70-тите години на минатиот век, со тоа што го опреми со неколку модерни и минималистички детали и пред се – електричен погон. Овој проект бил предводен од страна на главниот дизајнер за ентериер на компанијата, Хак Су Ха, и во моментов е претставен во центарот за клиенти во Бусан, Јужна Кореја. Станува збор за оригинален Pony хечбек со две врати, кој е целосно ревидиран со модерни акценти и неколку елементи од целосно електричниот Ioniq 5.
Со цел електричниот Pony да добие уникатен изглед, опремен е со модерни фарови, додека на задниот дел се наоѓаат задни светла слични на оние кои ги има Ioniq 5 со истиот пикселаст дизајн. Исто така има и надворешни ретровизори со камера поставени на крилата и е поставен на ретро тркала.
Ентериерот на Hyundai Pony EV мина низ уште подетален ремонт и редизајн во однос на екстериерот и вклучува уникатен трикрак управувач, како и карактеристичен инструмент панел кој не личи на ништо друго што може да се најде пазарот во моментов.
Hyundai го отстрани оригиналниот погон на Pony и го замени со целосно електричен, иако не објави никакви детали за истиот. Концептот ќе биде изложен во Hyundai Motorstudio во Бусан до 27 јуни оваа година.