Hyundai со нови детали за plug-in хибридниот Tucson
Hyundai конечно сподели повеќе детали за plug-in хибридната верзија на Tucson која треба да биде лансирана во Европа следната пролет
Оваа највисоко електрифицирана, plug-in хибридна верзија на новиот Hyundai Tucson комбинира 1,6-литарски турбо Smartstream бензински мотор од 177 КС со електромотор од 90 КС и 13,8 kWh литиум-полимерска батерија. Комбинираниот систем испорачува моќност од 265 КС и 350 Nm вртежен момент.
Од Hyundai проценуваат дека новиот Tucson PHEV ќе понуди повеќе од 50 километри опсег на движење само на струја според WLTP циклусот. Автомобилот пристигнува со 7,2 kW полнач, но од Hyundai се уште ги немаат соопштено официјалните податоци за полнење.
Новиот Tucson plug-in хибриден модел користи шестстепен автоматски менувач (shift-by-wire) и стандарден HTRAC систем за погон на сите четири тркала. Новиот SUV модел исто така пристигнува со активна перка за воздух на предниот дел, која го подесува внесувањето на воздух зависно од потребната температура, брзината на возилото и друго, а се со цел да се минимизира отпорот на воздух и да се намали потрошувачката.
Како додаток на сето ова plug-in хибридниот Tucson се уште нуди доволно простор за патниците во задниот дел и багажникот, благодарение на паметното пакување на високо-волтаичната батерија во подвозјето. Капацитетот на багажникот е за нијанса намален од 620 на 558 литри, односно од 1799 на 1737 литри со спуштени седишта.
Присуството на HTRAC системот за погон на четири тркала значи дека Tucson Plug-in Hybrid исто така содржи и Terrain Mode селектор кој може да ја оптимизира моќноста, вртежниот момент и сопирањето зависно од условите на патот. Hyundai исто така ќе понуди и електронски контролиран систем на потпирање како опција, кој додава адаптивни амортизери кои можат да бидат подесени од страна на возачот преку бирање на Eco или Sport режимот.
Новиот Hyundai Tucson plug-in хибриден модел ќе пристигне во Европа на почетокот од пролетта следната година.