Лос Анџелес 2019: ID. Space Vizzion нов член на ID. Family
Германската компанија го избра токму овој Саем за да го претстави седмиот концептен модел, базиран на MEB архитектурата
Целосно електричниот концепт наликува повеќе на спортски караван отколку на кросовер, а всушност претставува преглед на производен модел наменет за европскиот и американскиот пазар.
Во однос на изгледот, и сами може да забележиме дека ID. Space Vizzion наликува на спој помеѓу караванско возило и кросовер, а според Volkswagen тој го комбинира аеродинамичкиот дизајн на Gran Turismo со пространоста и разновидност на SUV модел. Така, концептот доаѓа со должина од 4.958 mm, ширина од 1.897 mm и 2.964 mm меѓуоскино растојание.
На предната страна ID. Space Vizzion има бела светлосна лента, која се протега околу осветленото VW лого и ги поврзува тенките IQ Light LED матрикс фарови. Движејќи се кон задниот дел, по страната на автомобилот може да се забележи отсуството на рачки на вратите, кои се заменети со осветлени површини на допир кои светнуваат вендаш штом Keyless Advanced функцијата ќе детектира приближување на клучот од возилото или паметен телефон.
Задниот дел доаѓа со поставен спојлер на крајот од покривот, дифузер, а задните светла се изведени преку надолжна светлосна LED група. Сите светлосни елементи на концептот се активираат кога возачот ќе го отклучи автомобилот.
Во возачката кабина на ID. Space Vizzion, сите информации поврзани со возењето се прикажани на Augmented Reality head-up дисплејот, кој го заменува стандардниот инструмент панел. Помал секундарен дисплеј ги покажува само основните информации, а инфозабавниот систем заедно со функциите за поврзување и удобност се интегрирани во 15,6-инчен дисплеј.
Додека концептниот автомобил е опремен само со мотор поставен во задниот дел со моќност од 275 коњски сили, втора единица би можела да биде додадена со цел да се обезбеди коаксијален погон и придвижување на сите четири тркала, со моќност од 355 коњски сили. Благодарение на батеријата со капацитет од 82 kWh , концептот се карактеризира со предвиден опсег од 590 километри според WLTP циклусот, а полнењето до 80 проценти трае приближно 30 минути.