Intel ќе ги спасува американските производители
Кризата со чипови која го зафати светот, сериозно влијае и на автомобилските производители кои мака мачат да излезат на крај со побарувањата
Американскиот технолошки гигант и производител на компјутерски процесори, Intel, би можел да ги отвори своите фабрики за чипови за производителите на автомобилски микропроцесорски чипови со цел да помогне во ублажувањето на глобалниот недостаток.
Извршниот директор на Intel, Пет Гелсингер, за Reuters истакна дека производителот е во преговори со компании кои дизајнираат чипови за автомобилските производители и дека Intel би можел да ги отвори своите фабрики со цел да помогне во производството на неопходните чипови.
Ова краткотрајно решение би можело да обезбеди производство на микрочипови на автомобилските компании во следните шест до девет месеци, истакна Гелсингер. Оваа одлука пристигнува по состанокот со официјални лица во Белата куќа, каде се разговарало за ланецот на снабдување на полупроводници.
„Се надеваме дека некои од овие работи можат да бидат олеснети, нема потреба од три или четиригодишно градење на фабрики, туку веројатно шест месеци за новите производи да бидат сертифицирани на некои од нашите постоечки процеси. Веќе започнавме со контактите со некои од снабдувачите на клучни компоненти“, открива Гелсингер.
Деталите за планот се уште се нејасни, но Intel е една од неколкуте компании кои дизајнираат и произведуваат свои чипови во САД. Администрацијата на Бајден покажа интерес за зацврстување на американската индустрија, а недостигот на микрочипови се покажа како сериозен проблем во последните месеци.
Недостатокот на полупроводници погоди широк спектар на индустрии, но производителите тврдат дека конкретни нивните барања се игнорирани, бидејќи индустријата за потрошувачка електроника го „проголтува“ снабдувањето на чипови. Според проценките, недостатокот на чипови може да резултира со производствен дефицит на 1,28 милиони возила.