Инвестицијата во Daimler го одложи купувањето на FCA?
Шефовите на кинескиот производител на автомобили Geely воделе неформални разговори за купување на FIAT Chrysler Automobiles (FCA) пред да се упатат кон инвестицијата во Daimler, соопшти агенцијата Bloomberg, која цитира анонимни извори од кинеската компанија
Ли Шуфу, милијардерот кој стои зад Geely, кој купи минатата недела 9,69% од Daimler за 9 милијарди долари, направил контакт со FCA во средината на минатата година, за да преговара за купување на компанијата.
И овде јасна била крајната цел, како онаа со Daimler, Geely да го прошири бизнисот надвор од Кина. Шуфу сепак никогаш не потврди јавно за преговорите, бидејќи во текот на истите се појавиле разлики во врска со цената на FCA.
Geely и FCA одбија да ги коментира информациите на Bloomberg.
Во август Automotive News соопшти дека кинески производител на автомобили и дал понуда за FCA, но таа била одбиена, бидејќи била пониска од онаа која Маркионе би ја прифатил. Во август, Automotive News не можеше да потврди дека кинеската компанија е Geely. Малку подоцна беше обеледенето дека и други кинески компании имаат интерес кон FCA, а како најсериозен се покажал оној од Great Wall, но за жал тоа било кон одделни марки, главно Jeep.
Додека Geely и другите кинески компании бараат начин да излезат на светскиот пазар преку инвестиции во автомобилски производители во Европа и САД, главниот извршен директор на FCA, Серџо Маркионе, продолжува да тврди дека консолидацијата е повеќе од потребна за подобра иднина на автомобилските компании.
Еден од главните аргументи е дека во моментов многу компании трошат непотребни пари, за да развиваат бројни варијанти на истите технологии. Во 2015 година General Motors го отфрли предлогот на Маркионе за спојување, по што тој се насочи кон намалување на обврските на FCA и најави дека неговата компанија веќе нема потреба од партнер.