Isuzu, Hino и Toyota ја засилуваат соработката со ново партнерство
Компаниите Isuzu, Hino и Toyota најавија дека постигнале договор за ново партнерство кога станува збор за комерцијалните возила и CASE технологиите
Трите јапонски компании ја продлабочуваат својата соработка со постигнување на ново партнерство за комерцијални возила, а намерата на Hino, Isuzu и Toyota е да ги комбинираат CASE технологиите на Toyota со темелите за комерцијални возила култивирани од страна на Hino и Isuzu. Преку оваа соработка, нивната цел е да се забрза општествената имплементација на CASE технологиите и услугите и да помогнат кон адресирањето на разни потешкотии со кои се соочува транспортната индустрија, но и да помогнат во достигнувањето на општество кое ќе биде карбон-неутрално.
Конкретно, трите компании планираат заеднички да работат на развојот на електрични возила и возила кои користат горивни ќелии, потоа технологии за автономно возење и електрични платформи наменети за малите камиони за комерцијални цели. Исто така, Isuzu, Hino и Toyota планираат да ги поврзат нивните технолошки платформи со цел да создадат платформа за комерцијални возила кои ќе можат да ги решат проблемите на клиентите. Преку оваа платформа, тие имаат за цел да обезбедат различни логистички решенија кои не само што ќе помогнат во унапредувањето на ефикасноста на транспортот на комерцијалните возила, како и придонес во намалувањето на CO2 емисиите.
Како дел од промоцијата на своето партнерство, трите компании го основаат Commercial Japan Partnership Technologies Corporation, компанија за планирање на CASE технологии и услуги за комерцијални возила. Со цел подобро функционирање на соработката, Isuzu и Toyota се договорија на капитално партнерство, а Toyota ќе откупи 39 милиони акции во Isuzu, со што ќе го зголеми својот удел на 5.02 проценти во Isuzu, кој пак од друга страна ќе откупи ист број на акции во Toyota.
Со капитал од 10 милиони јени (92.000 долари) новата компанија ќе биде 80 проценти сопственост на Toyota, додека Hino и Isuzu ќе имаат по 10 проценти.