Jaguar го враќа легендарниот C-Type во 2022
Компанијата Jaguar ќе го врати иконскиот C-Type со својата Continuation серија на автомобили која ќе пристигне во текот на следната година
Continuation серијата е желба на Jaguar да ги врати во живот своите легендарни модели. Прв меѓу нив ќе биде легендарниот C-Type. Британската компанија сака да остане верна на оригиналот кој се појави на почетокот од 50-тите години од минатиот век и успеа да слави на 24 часа Ле Ман во 1951 и 1953 година. Автомобилот ќе биде изработуван рачно во Classic Works погонот на компанијата во Ковентри, Велика Британија, користејќи ги оригиналните цртежи и податоци, со помош на најновата компјутерска технологија за дизајн.
За разлика од класичниот модел кој беше изработен во 53 примероци, од кои 43 беа наменети за приватни клиенти, оваа рекреација ќе биде ограничена на само осум. Секој од нив ќе биде рефлексија на победникот од Ле Ман со 3,4-литарски шестцилиндерски мотор со тројни Weber карбуратори кои испорачуваат моќност од 223 КС. Тука се и диск сопирачките кои оригиналниот C-Type ги имаше прв во мотоспортот во 1952 година.
„Возен од страна на некои од најлегендарните тркачи во историјата (вклучително и сер Стирлинг Мос), C-Type ги постави темелите на успесите на Jaguar кога станува збор за издржливото тркање и е синоним за дизајнерски и инженерски иновации. 70 години подоцна, Jaguar Classic е горд што може да ги искористи најновите иновации во производствената технологија – заедно со традиционалните вештини и бесконкурентската експертиза – за да одново го претстави легендарниот автомобил за една нова генерација на ентузијасти да можат да уживаат“.
Заедно со ова соопштение, Jaguar објави и онлајн конфигуратор за C-Type Continuation. Благодарение на него, купувачите ќе можат да го визуелизираат автомобилот и да изберат меѓу осум финиши на екстериерот и четири металик бои.