Jaguar XE и XF добиваат нови 300 Sport варијанти
Откако F-Pace доби блага хибридна поставка со Sport верзијата, XE и XF седаните на Jaguar сега го добиваат истиот третман
Jaguar се откажува од моторите на внатрешно согорување и истите ќе ги снема до 2025 година. Но, додека да се случи сето тоа, постоечките модели се електрифицираат со цел да се намалат емисиите и потрошувачката. Оттаму, XE и XF моделите на Jaguar добиваат Sport верзии со благ хибриден погон за моделската година 2023.
И покрај тоа што се присутни на пазарот подолго време, XE и XF и понатаму делуваат стилски. Со добивањето на 300 Sport тримот, поголемиот од двата седани може да се добие во попрактична Sportbrake караванска изведба. Во срцето на трите возила се наоѓа турбо 2,0-литарскиот бензинец од Ingenium семејството со 300 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Моторите се во комбинација со осумстепен автоматик и стандарден систем со погон на сите четири тркала. Ова му овозможува на XE 300 Sport да забрза од нула до „стотка“ за 5,9 секнди. Од друга страна, на XF 300 Sport му треба повеќе време со оглед на тоа дека е поголем и потежок. Двата модели имаат максимална брзина од 250 километри на час.
Jaguar ги нуди 300 Sport моделите со 20-инчни тркала со различни дизајни и финиши зависно од моделот, а во понудата се и Carpathian Grey и Silicon Silver боите за екстериерот. Кога станува збор за ентериерот, XE добива Monogram Aluminium фурнир, додека XF доибва Satin Charcoal Ash. Двата автомобили имаат метален финиш на педалите и лопатките за менување на брзините.
Како и останатите Jaguar модели, така и XE и XF 300 Sport добиваат Amazon Alexa гласовна контрола со Pivi Pro инфозабавниот систем.
Глобалната постава на мотори е сочинета од три опции за 2023 година, зависно од пазарот. Покрај 2,0-литарскиот турбо мотор со 300 КС, тука е и нешто послабата варијанта со 250 КС, а за љубителите на дизелот Jaguar го нуди 2,0-литарскиот четирицилиндричен агрегат со блага хибридна технологија кој испорачува 204 КС и е достапен со погон на задните или сите четири тркала.