Jeep додава нов, мал кросовер во понудата
Поставата на Jeep наскоро ќе биде проширена со нов мал кросовер кој ќе биде влезен модел во гамата на американската марка
Stellantis позитивно одговори на барањата на Jeep за додавање на уште еден, влезен модел во својата понуда. Станува збор за кросовер од B сегментот, а новиот кросовер треба да влезе во производство во ноември следната година. Како што пренесува Automotive News Europe, моделот е наречен Project 516 и ќе биде поставен под Renegade.
Новиот модел ќе биде произведуван во полскиот град Тихи и ќе биде базиран на CMP платформата кој се користи за цел асортиман на други возила и модели од Citroën, DS, Peugeot и Opel. Кросоверот на почетокот ќе се нуди со бензински мотори, но набрзо потоа, во февруари 2023 година, се очекува да влезе во производство и целосно електрична варијанта. Дури потоа ќе пристигне и блага хибридна варијанта.
Во моментов нема доволно детали околу спецификациите, но малиот Jeep кросовер најверојатно ќе користи мотори на PSA, а Stellantis ќе може да произведе до 110.000 единици на годишно ниво. Auto News пренесува исто така дека благо-хибридната варијанта ќе биде со погон на предните тркала и ќе има електромотор поставен меѓу моторот и трансмисијата.
Fiat и Alfa Romeo ќе добијат свој мини кросовер адут
Покрај Jeep, нов мал кросовер во B сегментот ќе лансира и Fiat, кој би требало да пристигне во април 2023 година. Електрична и блага хибридна верзија на овој модел со кодно име Project 364 ќе пристигнат набрзо по премиерата, а моделот ќе биде инспириран од Centoventi концептот кој наиде на одличен прием кај јавноста. Stellantis наводно има високи очекувања за возилото, бидејќи според документите, компанијата планира да произведе 130.000 единици годишно.
Интересно, кросоверот кој ќе биде влезен модел во понудата на Alfa Romeo, кој би можел да биде наречен Brennero, се уште не е одобрен за производство. Се уште нема информации околу тоа што е причината за одложувањето, но Tonale исто така беше одложен неодамна.
Без оглед на тоа, кросоверот на Alfa Romeo се очекува да влезе во производство во октомври 2023 година како електричен модел. Варијанта со благ хибрид треба да пристигне шест месеци подоцна, додека верзија со погон на сите четири тркала би требало да пристигне во 2024 година. Доколку последната верзија биде одобрена, системот за погон на сите четири тркала ќе биде додадена и кај малиот Jeep.