fbpx

Jeep ги претстави новите Renegade и Compass e-Hybrid во Европа

Jeep продолжува со својата зелена програма во Еврoпа, претставувајќи ги новите e-Hybrid верзии на моделите Compass и Renegade

Американската марка Jeep има за цел да понуди целосно електрифицирано портфолио на возила во голем број европски пазари како Белгија, Германија, Франција, Португалија, Холандија и скандинавските земји до крајот на годината. За да ја исполни целта, брендот сега ги претстави e-Hybrid верзиите во поставата на Compass и Renegade.

Compass Renegade e-Hybrid

Двата модели пристигнуваат со новиот турбо 1,5-литарски четирицилиндричен бензински мотор кој испорчаува 132 КС и 240 Nm максимален вртежен момент. Од Jeep велат дека моторот е дизајниран да биде најадекватен за користење кај хибридни погони, со оглед на тоа дека работи во Милеров циклус, нудејќи висок степен на компресија од 12.5:1 и има систем за директно вбризгување со висок притисок кој функционира на 350 бари. Моторот исто така има и стартер-генератор со цел да гарантира брзи и тивки транзиции при рестартирање.

На моторот му се приклучува седумстепената трансмисија со двојна спојка, регенеративниот сопирачки систем и електромотор кој испорачува 20 КС и 55 Nm. Иако електромоторот не е којзнае колку моќен, може да ги придвижува Compass и Renegade e-Hybrid при ниски брзини, идеални за оние „тргни-застани“ градски метежи. Погонот исто така добива и e-boost функција, но најголемата вест е дека Compass e-Hybrid и Renegade e-Hybrid, благодарение на новитетите, имаат помала потрошувачка и намалена CO2 емисија за 15 проценти.

Специјална едиција

Со цел да ги нагласи новите модели, Jeep ќе лансира Upland специјална едиција која се одликува со одржливи материјали како и еколошки бои и финиши. Конкретно, ќе имаат ексклузивен Matter Azur екстериер со контрастен црн покрив и 17 или 18-инчни алуминиумски тркала со сјајно црн финиш. Тука се и MetaKrome бронзените акценти и двобојната хауба.

Во кабината купувачите ќе најдат ексклузивни SEAQUAL седишта направени со пластика извлечена од Средоземното море. Седиштата добиваат контрастни шевови, органски винил инсерти и Jeep логоа на потпирачите. Низ кабината ќе се најдат MetaKrome бронзе акценти и материјали од рециклирана пластика.

Compass Renegade e-Hybrid

Покрај специјалната едиција, ќе има и Longitude, Night Eagle, Limited и S нивоа на опременост. Моделите ќе се нудат и на останатите европски пазари покрај оние погоре наведените, но повеќе информации се очекуваат наскоро.

Поврзани вести

Back to top button