Jeep ги претстави Wrangler 4xe и Wagoneer
Jeep официјално ги претстави своите нови модели, plug-in хибридниот Wrangler 4xe, како и новата изведба на легендарниот Wagoneer
Jeep Wrangler 4xe им се приклучува на Renegade 4xe и Compass 4xe, plug-in хибридниот модел комбинира 2,0-литарски турбо мотор со два електромотори, напојувани од 17 kWh литиум-јонска батерија. Оваа комбинација испорачува вкупно 380 КС и 637 Nm максимален вртежен момент.
Jeep Wrangler 4xe со полна батерија може да помине до 40 километри користејќи исклучиво струја. Тоа ќе се контролира преку специјалниот возачки режим достапен преку копчињата позиционирани на централната конзола. Другите возачки режими се Hybrid и eSave, со тоа што последната ја чува енергијата на батеријата за подоцнежно користење.
Теренецот се одликува со Electric Blue акценти, а „набилданиот“ Rubicon добива сини нијанси на хаубата, беџовите и предната и задната кука за влечење. Кабината останува иста, со препознатливиот инструмент кластер и инфозабавен систем, а добива карактеристични сини шевови.
Wrangler 4xe ќе пристигне во Европа, САД и Кина кон почетокот на следната година. Ќе биде достапен во три нивоа на опременост, вклучително и теренските верзии Sahara и Rubicon.
Wagoneer се враќа на сцената
Jeep по долго чекање го претстави и Grand Wagoneer. Сепак треба да се напомене дека станува збор за речиси производствен концепт, што значи дека ова не е конечниот изглед, но сепак големиот SUV отприлика ќе ја има оваа форма.
Grand Wagoneer ќе влезе во производство следната година како модел за 2022. година. Автомобилот ќе биде исполнет со технологија, ќе има plug-in хибриден погон и ќе поседува екран од инфозабавниот систем наменет за совозачот. Преку 10,25-инчниот екран, совозачот ќе може да го користи инфозабавниот систем и потоа да ги испраќа до возачот. Овој екран е заштитен од возачот со што му се овозможува тој да биде фокусиран на 12,1-инчниот екран на централната конзола и на 12,3-инчната инструмент табла. Освен тоа, тука е и 10,25-инчниот хоризонтален екран на допир под централниот екран. Тој е наменет за контролирање на седиштата и четиризонскиот клима-уред. Технолошкиот ентериер е поддржан од новиот Uconnect 5 Android инфозабавен систем на FCA.
Материјалите кои се користени во внатрешноста се оникс стакло на контролната табла, одржлив сиров алуминиум околу елементите, звучниците на вратите и рачката од менувачот, како и 3D дрвена облога за централната конзола и панелите на вратите. Тука се и премиум патосниците од Thrive влакна, PUR тапацир за седиштата, вратите и инструменталниот панел.
За првпат Grand Wagoneer ќе добие и трет ред седишта. Кабината има и подесувачко амбиентално осветлување, како и елементи кои оддаваат почит на стариот Grand Wagoneer.
Кога станува збор за надворешноста, Grand Wagoneer се одликува со широка Obsidian црна решетка. Околу истата се наоѓаат и бифункционални LED проектор светла. Автомобилот е поставен на 24-инчни тркала, а на задниот дел се наоѓаат LED задните светла споени преку тенка осветлена линија.
Кога станува збор за напојувањето, Jeep се уште не открива никакви детали, освен дека ќе користи plug-in хибриден погон и дека ќе биде базиран на платформата на RAM 1500. Исто така, автомобилот ќе има три достапни 4×4 системи. Производството на Wagoneer и Grand Wagoneer ќе започне во вториот квартал на 2021 година.