Jeep го освежи Wrangler, во Европа само како 4xe PHEV
Компанијата Jeep го претстави унапредениот Wrangler за европскиот пазар кој ќе се продава ексклузивно со 4xe plug-in хибридниот погон
За 2022 моделската година Jeep одлучи да го продава својот модел Wrangler на европскиот пазар со повеќе безбедносни технологии, дополнителни опции за боите, Gorilla Glass предно стакло, Mopar Sunrider Flip Top и најважно од се – ексклузивно во 4xe plug-in хибридна варијанта.
Wrangler 4xe беше претставен во септември 2020 година како првата електрифицирана варијанта на легендарниот модел. Plug-in хибридниот систем е сочинет од 2,0-литарски четирицилиндричен мотор, два електромотори, осумстепен автоматски менувач и 17 kWh литиум-јонска батерија позиционирана под задните седишта која може да се наполни за помалку од 3 часа преку 7,4 kWh полнач. Комбинираната моќност изнесува 380 КС и 637 Nm максимален вртежен момент кои се испраќаат на сите четири тркала. Како резултат на ова, Wrangler 4xe може да забрза од нула до „стотка“ за 6,4 секунди, додека батеријата овозможува целосно електричен опсег на движење од 50 километри според урбаниот WLTP циклус.
Кога станува збор за „оф-роуд“ перформансите, Wrangler пристигнува со Select-Trac и Rock-Trac системите, Dana осовини, Tru-Lok електрични заклучувачи за двете оски и Trac-Lok диференцијал со ограничено пролизгување, меѓу другото. Новина за 2022 година во Европа се Jeep Performance Parts Gorilla Glass предното стакло кој е опционален во Sahara нивото на опременост и е стандарден дел од Rubicon варијантата. Главната одлика на ова стакло е што до три пати поотпорно на пукнатини и скршеници кои произлегуваат од оф-роуд авантурите.
Wrangler е достапен со мек покрив или триделен тврд покрив во црна или боја на каросеријата. Последната исто така има опција за новиот Sunrider Flip Top кој додава мек дел на покривот над предниот ред седишта.
Нови бои и нови технологии
Купувачите ќе можат да ги изберат Tuscadero и Gobi специјалните бои без оглед на верзијата, или пак новата Silver Zynith Metallic Clear Coat и High Velocity Metallic Clear Coat регуларните бои кои се приклучуваат на веќе постоечката палета.
Во внатрешноста се наоѓа 8,4-инчниот екран на допир за NAV Uconnect системот интегрирајќи ги најновите Uconnect услуги како My Assistant, My Car, My Remote и My eCharge. Меѓу унапредувањата за 2022 година е збогатениот пакет на безбедносни и системи за асистенција. Како стандарден дел од опремата сега се Automatic High Bean Headlamp Control, Full Speed Forward Collision Warning Plus со напредна асистенција за сопирање и адаптивен темпомат со стопирање. Исто така стандардни се мониторирањето на слепата точка со Rear Cross-Path детекција, задната камера и предната и задната паркинг асистенција.
Jeep веќе ги отвори нарачките за освежениот Wrangler 4xe во Италија, Шпанија, Белгија и Србија, а остатокот од Европа ќе следува во текот на декември. Цените ќе бидат објавени подоцна. Одлуката да се нуди само 4xe PHEV верзијата на Wrangler е поврзана со строгите регулативи за емисии во Европа.