Jeep го покажа освежениот Compass за Европа
Jeep подготви освежување за втората генерација на Compass во Европа, а моделот кој ја доби својата рестилизација направена на средина на животниот век сега е официјално претставен
Како што велат од Jeep, моделот Compass за 2021 година е „комплетно нов модел, со големи промени во сите карактеристики и спецификации, вклучително и стајлингот, технологијата, безбедноста, одржливоста и функционалноста“. Според производителот, европскиот модел ќе ги следи стапките на кинеската варијанта која беше претставена на Салонот во Гвангжу минатата година.
Од Jeep велат дека Compass го одвеле на едно сосема ново ниво бидејќи станува збор за модел кој е фундаментален за еволуцијата на брендот, а воедно е и првиот модел на Jeep кој е лансиран во Европа по настанувањето на групацијата Stellantis. Ова не треба да биде изненадување со оглед на тоа дека од 2017 година до денес, Jeep има продадено 200.000 примероци на Compass, што е 40 проценти од уделот од продажбата на компанијата.
Нов ентериер
Кога станува збор за дизајнот, екстериерот на новиот Compass се одликува со експресија на формалните концепти, кои ќе се најдат во сите идни модели на Jeep. Оттаму и поширока долна решетка, поспортски отвори за воздух и репозиционирани магленки, додека промените на задниот дел се подискретни.
Во внатрешноста се наоѓа и редизајнираниот контролен панел со двослоен изглед на кој е поставен 8,4 или 10,1-инчниот екран на допир од инфозабавниот Uconnect 5 систем, кој сега е поставен на повисока позиција со цел поголема фокусираност на возачите кон патот. Инфозабавниот систем се одликува со пет пати побрз процесор, како и со Apple CarPlay и Android Auto конективност, 3D TomTom навигација и гласовно препознавање. Пред возачот се наоѓа 10,25-инчниот дигитален инструмент кластер, новиот управувач, новите контроли за клима-уредот, ревидираниот менувач и бежичниот полнач.
Ентериерот исто така сега е и пофункционален со новиот аранжман на централната конзола и проширениот простор за складирање кој нуди речиси 4,4 литри повеќе простор од претходно. Исто така, стајлингот е помодерен и поуникатен благодарение на премиум материјалите, покрај промените кои се наведени погоре.
Новиот Jeep Compass ќе пристигне со широк спектар на мотори со пониска CO2 емисија и потрошувачка. Моторната постава е унапредена со додавањето на новиот GSE четирицилиндерски 1,3-литарски турбо бензински мотор, дизајниран за подобри перформанси, заедно со поголем возачки комфорт и ефикасност, додека потрошувачката и CO2 емисиите се намалени за 27 проценти според WLTP во споредба со претходниот бензински модел.
Нова технологија
Покрај новиот Uconnect 5, најнапредниот инфозабавен систем некогаш поставен во автомобил на американскиот производител, а тука е и Highway Assist системот, кој нуди автономно возење од второ ниво, со што Compass е првиот модел на Stellantis кој ја нуди оваа опција на Стариот континент.
Покрај тоа, Jeep Compass пристигнува со ADAS системот како стандарден во опсегот, па така моделот се одликува со асистенција за препознавање на сообраќајни знаци, асистенција за интелигентно забрзување и автоматско сопирање во итни случаи со препознавање на пешаци и велосипедисти.
Освежениот Jeep Compass ги комбинира двете главни карактеристики на компанијата, а тоа се „оф-роуд“ погодностите и урбаниот дух, со што се пресретнуваат потребите на купувачите во C-SUV сегментот. Она што може да се забележи веднаш е дека моделот се одликува со силен естетски карактер, нагласен преку прочистениот и карактеристичен стајлинг, кој останува верен на стилските елементи на брендот. Од Jeep велат дека освежениот Compass се одликува со уште подобри возачки динамики и уште подобра безбедност и конективност.
Цените и спецификациите ќе бидат најавени наскоро, а купувачите во Европа ќе можат да бираат меѓу пет нивоа на опременост – Sport, Longitude, Limited, S и Trailhawk, како и пет различни комбинации на погони. Бензинската верзија ќе се нуди со 1,3-литарскиот GSE мотор со 130 или 150 КС во комбинација со мануелен и автоматски менувач со двојна спојка, а во секој случај двата се со погон на предните тркала. Кога станува збор за дизел опцијата, тука е 1,6-литарскиот агрегат со 130 КС со шестстепен мануелен менувач и погон на предните тркала. Plug-in хибридната варијанта се нуди со две опции на моќност – од 190 и 240 КС, а доаѓа во комбинација со шестстепен автоматски менувач и eAWD погон на сите четири тркала.