fbpx

Новиот Kia Niro пристигна со драстично променет изглед

Корејскиот производител Kia го претстави целосно новиот Niro на Салонот во Сеул каде ја доживеа својата светска премиера

Пет години по претставувањето на Kia Niro, корејската компанија ја покажа новата генерација на својот субкомпактен кросовер на Салонот за мобилност во Сеул. За втората генерација на Niro се зборува од крајот на 2020 година кога за првпат се појавија првичните прототипи. За дизајнирањето на новиот автомобил, Kia зеде инспирација од HabaNiro концептот од 2019 година.

Корејската компанија го дизајнираше новиот Niro по теркот на својата Opposites United дизајнерска филозофија која пак ја влече својата инспирација од природата преку изборот на бои, материјали и финишите кои имаат за цел да создадат еден баланс меѓу пристап одговорен за околината и изглед кој е ориентиран кон природата.

На предниот дел на Kia Niro се наоѓа препознатливиот „тигарски лик“ комплетиран со целосно и комплетно променети и редизајнирани фарови и LED дневни светла. Одважните дизајнерски детали продолжуваат и на задниот дел со LED задните светла кои се протегаат по задните столбови.

Ентериерот на Kia Niro исто така е темелно променет за новата генерација на моделот. Најголем впечаток секако остава контролната табла која е насочена кон возачот, а на истата се наоѓа целосно дигитален инструмент кластер и голем инфозабавен екран. Kia исто така го опреми новиот Niro со нов селектор за брзини кој е поставен на централната конзола.

Kia Niro

Еколошки материјали во изработката

Корејскиот производител вели дека покривната прекривка кај новиот Niro е направена од рециклирани тапети, додека седиштата се направени од Bio PU со Tencel од листови од еукалиптус. Освен тоа, бојата која не содржи бензен, толуен и ксајленски изомери е искористена за панелите на вратата со цел да се минимизира импактот врз животната средина и да се намали отпадот.

Kia Niro

Со новиот Niro пристигнува и новиот Greenzone возачки режим. Оваа карактеристика автоматски ги менува plug-in хибридните варијанти во целосно електричен режим кога вози во зелени зони како што се резиденцијални подрачја, или блиску до училишта и болници. Технологијата исто така ги препознава и омилените места на возачот кои се регистрирани во навигацискиот систем како зелена зона.

Kia не објави конкретни детали во моментов, но сепак откри дека Niro ќе биде достапен со хибриден, plug-in хибриден и целосно електричен погон почнувајќи од следната година.

Поврзани вести

Back to top button