Kia со почеток на ново партнерство со Amazon
Со цел да се комерцијализира продажбата на домашните станици за полнење на електричните возила, корејската компанија започна соработка со Amazon
Најчесто полнењето на електричните возила се врши во домашни услови, што претставува вистински „давеж“ за нетрпеливите сопственици. Со цел да се забрза овој навистина бавен процес, не само што е потребно да се избере соодветен брз полнач, туку неопходно е и да се најде локален електричар кој ќе може да го инсталира. За да им ги намали маките на своите сопственици, Kia го поедноставува овој процес преку партнерството со познатата американска мултинационална компанија Amazon. Така, сопствениците на plug-in хибридните и целосно електричните модели на овој бренд, можат да ја посетат веб страната Amazon.com/ChargeMyKia и да изберат еден од трите препорачани 240V полначи.
Покрај ова, вистинското олеснување од ова партнерство е опцијата која ги поврзува клиентите со локалните електричари кои се дел од програмата Amazon Home Services. Ова им овозможува закажување на термин и однапред добивање на цени за процесот на вградување на полначот.
Соработката помеѓу овие две компании има за цел да го поедностави искуството на новите сопственици на електричните модели на Kia, а исто така претставува и пример за постојаната посветеност на брендот кон своите клиенти.