Kia размислува за целосно електричен Ceed
Компанијата размислува за целосно електрична верзија на својот модел Ceed, како и за лансирање на нов целосно електричен модел до 2021 година
Според главниот оперативен директор на Kia за Европа, Емилио Херера, компанијата ја разгледува опцијата за целосно електрифицирање на својот популарен хечбек, како и лансирање на уште еден целосно електричен модел до 2021 година, а процесот на електрификација сака да го поддржи и со засилување на plug-in хибридната постава.
Во интервју за Automotive News Europe, Херера зборуваше за plug-in хибридите во опсегот на Ceed и изјави дека компанијата размислува за целосно електрична верзија. Тој подетално ги објасни plug-in хибридните Ceed Sportswagon и Xceed, претставени минатиот месец, за кои рече дека ќе бидат прозиведени во фабриката во Словачка, а на пазарот ќе се појават од јануари 2020 година. Погонските агрегати и кај двата модели се позајмени од Kia Niro, а plug-in хибридниот систем им овозможува електричен опсег до 60 километри.
Херера, исто така го потврди извештајот од почетокот на август, според кој се планира хибридна и plug-in хибридна верзија на Kia Sorento, исто така, за наредната година. Концептниот автомобил „Imagine by Kia“, кој беше претставен на Саемот во Женева оваа година, ќе обезбеди основа за нов батериски електричен модел кој ќе биде лансиран во 2021 година.
Пред две недели беше откриено и дека Kia размислува за чисто електрична верзија за својот мал автомобил Picanto. „Сеуште нема потврда, но навистина разгледуваме“, рече Херера.