Kia слави 80 години со конвертиран ЕВ рестомод Pride
Kia одлучи да конвертира еден од своите заборавени модели Pride од 90-тите години на минатиот век во целосно електричен автомобил
Преставништвото на Kia во Велика Британија смисли интересен начин за да ја одбележи 80-годишнината на корејскиот производител, одлучувајќи се за еден од своите стари автомобили да го претвори во ЕВ и притоа ја зголеми неговата моќност за 77 проценти.
Во Британија овој модел е познат како Kia Pride (претходникот на Kia Rio), и претставува автомобил што ги запозна тамошните возачи со корејската марка во 1991. Инаку, самиот модел потекнува од Ford Festiva, кој Kia го правеше во Јужна Кореја. Тие економични хечбекови доаѓаа со мотори од 1,1 и 1,3 литри, но дури и поголемиот мотор испорачуваше само 61 КС. Овој примерок претворен во ЕВ станува двојно посилен.
Новата погонска единица го заменува моторот со согорување во овој Pride од 1996 година, но Kia и специјалистот за електрични возила Electrogenic избраа да го задржат петстепениот мануелен менувач кој сега треба да се справи со 109 КС и дури 235 Nm вртежен момент наместо 135 Nm.
Иако се многу подобрени, тие бројки не се ни блиску до 228 КС на обичниот Kia EV6 со единечен мотор. Но, EV6 тежи 2.065 килограми, а електрифицираниот Pride само 870 кг, вклучително и дополнителни 20 килограми при трансформацијата во ЕВ.
Од нула до 100 километри на час за 8 секунди
Како и EV6, Pride има повеќе режими на возење. Eco ја ограничува моќноста на 61 КС и вртежниот момент на 118 Nm и обезбедува забрзување слично на она што го понуди оригиналниот автомобил со внатрешно согорување (11,8 секунди).
Режимот Auto овозможува повеќе модерно искуство со ЕВ со тоа што дозволува да се остави Pride во трета брзина и да се заборави на менувачот, а истовремено нуди и повеќе регенеративно сопирање. Максималната брзина е ограничена со соодносот, но моделот во овој режим на располагање има 81 КС и 176 Nm.
Конечно, тука е Sport, кој обезбедува максимални 107 КС и 235 Nm, и се проценува дека е добар за забрзување од место до „стотка“ за околу 8 секунди. Тоа е малку помалку во однос на 7,7 секунди на основниот EV6 со 225 КС, кој нема брзини за менување и модерен сет на дебели гуми наместо слабите 12-инчни гуми на Pride.
Но, тие мали оригинални тркала и пластични капачиња се клучен дел од привлечноста на овој автомобил. Дури и штекерот за полнење е скриен под вратичката за гориво. Повеќето луѓе кога ќе го видат како возат би помислиле дека е совршено сочуван оригинал, иако има некои суптилни надградби.
Инспириран од EV6 GT
Една од нив е бојата, оригиналната сина металик Kingfisher на овој автомобил е заменета со боја White Pearl достапна на тековните ЕВ автомобили на Kia. Предните и задните светла, исто така, се надградени, а внатрешноста е преобработена со ткаенина која е соодветна за тој период, но е финиширана со варово зелени шевови што ги повикува внатрешните детали и шапите на сопирачките на EV6 GT со 585 КС. За разлика од многу електромодови, овој дури го задржува својот оригинален пакет инструменти, технологијата DCU на Electrogenics што го претвора мерачот за гориво во индикатор за преостанатото полнење.
Едно нешто што конвертираниот Pride не го прави побрзо од оригиналот е полнењето. Има два пакети батерии од 10 kWh, еден под хаубата и вториот под подот на багажникот, а на вградениот полнач од 3,3 kW му требаат шест часа за да ги однесе од празна до полна батерија. Но, малата максимална тежина на Pride значи дека може да помине корисни 193 километри со едно полнење, што е веројатно подалеку од тоа што некој би сакал да оди во автомобил што е направен само за малку забава.