Kia со официјални фотографии од Sorento пред премиерата во Женева
Откако новиот Sorento можевме да го видиме на серијата цртежи замислени како тизер за корејскиот кросовер, сега Kia ги објави и официјалните илустрации
И покрај тоа што се појавија голем број на „протечени“ фотографии од изгледот на Sorento, Kia одлучи изминатиот период да води тизер кампања, објавувајќи низа дизајнерски цртежи за новата генерација на својот кросовер, игнорирајќи ги фотографиите кои се појавуваа на интеренет. Сега, од јужнокорејската компанија одлучија да објават и официјални фотографии пред премиерата на Sorento.
Премиерата на Kia Sorento е закажана за 3 март и новинарскиот ден на Салонот за автомобили во Женева, каде Корејците ќе ги соопштат и техничките спецификации поврзани за новајлијата, но за среќа не мораме да чекаме до тогаш за да се запознаеме со изгледот на новиот изглед на корејскиот кросовер. Развојниот тим на четвртата генерација на Sorento веќе сега соопшти дека кросоверот со средна величина е поставен на нова архитектура, но е задржан концептот на попречно поставениот мотор и погон на предните тркала. Во споредба со претходникот, меѓу осовините сега има поголемо растојание.
Речиси се што можете да замислите е променето во однос на претходната генерација, вклучително и надворешниот и внатрешниот дизајн. Подолгата хауба носи и нешто попрестижен изглед. Дистанцата меѓу предната осовина и основата од која извира ветробранското стакло сега е 30 милиметри подолга во споредба со директниот претходник. Предните и задните надградби се намалени, а се забележуваат и декоративни метални парчиња како украс на предниот браник и вратите. Одделните вертикални сијалици претставуваат заминување на широките задни кластери од претходниот модел, додека од Kia се погрижија со големите „SORENTO“ букви на задниот дел да биде невозможно да го помешате јужнокорејскиот теренец со некој друг модел.
Kia ќе ги соопшти спецификациите на саемот во Женева
Sorento поседува дигитална виртуелна инструментација која ја карактеризира 12,3-инчен екран, како и 10,25-инчен екран од инфозабавниот систем. На местото каде некогаш беше поставена рачката од менувачот, сега се наоѓа ротационен тастер. Кога станува збор за остатокот од ентериерот, треба да се истакне дека опцијата за инсталација на трет ред седишта е достапна и на моделот од четвртата генерација. Од корејската компанија ветуваат и многу пофин квалитет на материјалите употребени за изработката на патничката кабина.
Во краткото соопштение од Kia напоменуваат дека новиот Sorento е „возило со најголема количина на висока технологија од било кој модел на Kia досега“ ,но како што веќе напоменавме, се уште не се достапни официјалните информации за моторните единици. Засега во оптек се неофицијални информации за кои се верува дека се целосно веродостојни. Имено, основниот мотор ќе биде 2,0-литарски атмосферски бензинец, кој веќе се наоѓа кај Hyundai Sonata. Тука ќе се најдат и 1,6-литарската турбобензинска четирицилиндрична единица, како и 2,2-литарскиот турбодизел.
Според првичните информации, бензинската верзија ќе поседува шестстепен автоматски или рачен менувач, додека, дизел варијантата ќе поседува осумстепена автоматска трансмисија со двојна спојка. Погонот ќе биде на предните тркала во 95 проценти во возачките ситуации, додека како опција се нуди и можност за вклучување на задниот пар тркала во отприлика пет проценти од ситуациите при реално возење. За крај, треба да се додаде дека во понудата ќе се најде и хибридна верзија. Најсилната верзија на Sorento ќе располага со 300 КС.