fbpx

Тест: KIA Stonic 1.4- НОВ МАЛ ИГРАЧ СО ГОЛЕМИ АПЕТИТИ

Новиот градски „шминкер“ во еден од најпопуларните сегменти на денешницата, субкомпакни кросовери, користи многу елементи и технологии од своите поголеми „браќа“ Sorento и Sportage, адаптирани за овие димензии

Надграден е врз мошне успешниот Rio, но со себе донесува дополнителна привлечност, вредности и функционалност, што е одлика на моделите од корејската марка. Ова е комбинација од јужнокорејската умешност и знаење со ненадминливиот европски дизајнерски пристап од центрите на компанијата на Стариот континент, па ова остварување тргнува силовито во освојувачки поход на клиентите, пред сè помладата популација.

Седум години по лансирањето на Nissan Juke, Kia, внесува во игра на полето на градски кросовери свој претставник.

Улогата да избори битка во мошне силната конкуренција му е доверена на моделот Stonic, базиран на новиот Riо. Да, ќе истакне некој, со големо задоцнување во однос на реперот во овој сегмент, како што го сметаат многумина Juke, но сепак ако се земе во целост дека Корејците создале добар играч, никогаш не е доцна. Едноставно, земајќи ја предвид сè поголемата побарувачка и импресионирачки прогрес во оваа класа, ваквиот потег на корејскиот производител е сосема логичен.

KIA Stonic 1.4

Токму така, многумина сметаат дека оваа нова градска играчка заслужува место меѓу најдобрите и тоа по многу нешта, но да тргнеме по ред. Веќе со своите 4,14 метра должина потврдува дека му е место меѓу елитата во сегментот на градски кросовери, идентично со Nissan Jukе, два милиметри помалку од Peugeot 2008 и Hyundai Konа, со која сепак не ја дели платформата, еден повеќе од Renault Captur и исто со Seat Aronа.

Во однос на Fiat 500X, Opel Mokka и Crossland, Mazda CX-3 и VW T-Roc нешто подолг, па некои освен епитетот модел за градските метежи, забава и авантура надвор од урбаните средини, му го додаваат и она семеен. За разлика од конкуренцијата, дизајнерски ова навистина одлично и елегантно скроено возило, не се експонира, делува некако дискретно, срамежливо, и како вели гуруто на дизајнот во Kia, Питер Шрејер, доволно впечатливо и она што е најважно – привлечно.

Видео тестот го објавивме во мартовското издание на нашата емисја

Со релативно голем клиренс од 18 cm со пневматици од 17 инчи, испакнати калници и црни меснати пластични штитници на праговите, делува навистина убедливо, помалку и надмено, особено кога е во некоја „дреч“ боја, што не беше случај со тестниот модел. Овде секако вреди да се напомене дека во понуда се девет бои за екстериерот во комбинација со плус пет за покривот, што значи над 20 расположливи комбинации.

Но, не само по ова „играчката“ се разликува од преостанатите модели во гамата. Веќе, оној „тигров нос“, кој е во центарот на вниманието, за оваа цел е модернизиран и во рамка од изразени хромирани лајсни. Одлично е вклопена напред светлосната група, во тестниот модел фаровите имаа LED дневни светла, а во самите агли имавме и магленки.

За разлика од екстериерот, внатрешноста мошне класична, но и овде во ист стил, со доза на шарм, но пред сè функционално.

Многу пати сме споменале дека е веќе очигледно присуството на германската школа, не е ни случајно со оглед на тоа што автомобилот е развиван во еден од центрите на Kia, во Франкфурт. Тоа се однесува на формата на централната арматура, инструменталната табла, голема и прегледна. На таблата, се разбира аналогна, нумеричките податоци се врамени во екран меѓу брзинометарот и мерачот на вртежи, кои може да ги видите и на 7-инчен екран, идеално поставен на горниот дел од конзолата. Ергономијата е навистина одлична, сите команди се на дофат, без да ги барате, а лесно се доаѓа и до посакуваната позиција на возачкото место.

Седиште кое се регулира во повеќе правци, управувач исто така, мал и директен, мултифункционален… посебно вреди да се издвои одличната позиција за совозачот и се разбира напомена за добро скроеното седиште. Што се однесува до простор во задната клупа, ако не се работи за лица со екстремни димензии, сосема доволно, со оглед на тоа врз чија платформа е направен моделот. Багажникот со зафатнина од 352 литри, односно 1.155 со соборување на задната клупа. Со полица се добива и рамен под.

KIA Stonic 1.4

Kia јасно стави до знаење дека при подготовка на возилото како урнек за извонредна возна динамичност и послужила Mazda CX-3. Навистина, на корејските струшњаци и ова им пошло од рака. Stonic, со самото ова, напоменува дека игра на карта на темпераментен кросовер, токму како и што вели името (speed + tonic = Stonic), а при тоа удобноста и комфорот да не бидат нарушени.

На авантурите надвор од асфалтот може да сметате, но рака на срце не во претерани екстремни ситуации, а за жал Stonic ги нема капацитетите кои може да се добијат со интегрален погон, едноставно нема електронски системи од типот на Grip control (PSA) или Extended Grip (Renault), во комбинација со теренски гуми.

Навистина, ова издание е повеќе адаптирано за во градските средини, па и агрегатската понуда е на тоа рамниште. Нам ни беше понуден модел со мотор од 1.4 литри, атмосферски, добро проверен во гамата на корејските изведби со 100 КС и 133 Nm вртежен момент, се разбира малку модифициран за оваа цел. Со оглед на диманзиите на возилото моторот лежи одлично, без оглед на фактот што при повисоки вртежи е „присутен“ во кабината.

Ова е типичен пример за еластичност на еден агрегат, бидејќи одлично работи на мали вртежи, а по желба во иста брзина полека, но сигурно забрзува. Секако своја заслуга за ова има прецизниот шестстепен мануелен менувач, со добро одмерени преноси. Просечната потрошувачка низ градските улици на Скопје и она тргни-застани, благодарејќи на старт/стоп системот беше околу 7,2 литри, но на отворено се симна на 5,5 литри, што е неверојатно за еден бензински агрегат во вакво пакување. На крајот, кога сме кај бројките, треба да се истакне дека до стотка забрзува за 12,6 секунди, а максималната брзина е 172 km/h.

Тестниот модел беше со ниво на опременост Style, a освен тоа имаше и малку повеќе елементи од листата за дополнителна опрема. Во дополнувањето имаше некои додатоци од асист составите, потоа од пасивната и активна безбедност, Bluetooth поврзување и навигација, паркинг камера и сензори, автоматски клима уред, централна брава со кeyless стартување, темпомат, управувач и рачка од менувачот обложени со кожа.

Вака спакуваниот KIA Stonic 1.4 чини 17.090 евра, а треба да апострофираме дека базната изведба на овој урбан кросовер: 1.25 MPi Experience, чини 12.990 евра.

Технички податоци за KIA Stonic 1.4 CVVT

мотор Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.368 cm3
пречник и од 72,0 x 84,0 mm
степен на компресија 11,0:1
напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, DOHC вбризгување на горивото
максимална моќ 100 KС (73 kW) при 6.000 min-1
макс. вртежен момент 133 Nm при 4.000 min-1
трансмисија на предните тркала преку 6-степен менувач
потпирање напред независни Мекферсонови нозе, спирални пружини, стабилизатори, назад торзиона осовина, стабилизатори, гасни амортизери…
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад барабан, ABS, ESP,
пневматици 205/55 R17
каросерија кросовер со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.140 x 1.760 x 1.500 mm
меѓуоскино растојание 2.580 mm
траги (напред/назад) 1.454/1.454 mm
тежина 1.160 kg
максимална тежина 1.610 kg
багажник 332/1.135 dm3
резервоар 45 литри
максимална брзина 172 km/h
забрзување 0-100 km/h 12.6 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,6/7,0/5,5 l/100 km
емисија на CO2 125 g/km

Кia Stonic во Македонија

1.25 MPi 84 КС/M5 Experience 12.290
1.25 MPi 84 КС/M5 Style 14.990
1.4 MPi 100 КС/M6 Experience 14.600
1.4 MPi 100 КС/M6 Style 15.700
1.0 T-Gdi 120 КС Style 16.700
1.6 CRDi 110 КС/M6 Experience 16.990
1.6 CRDi 110 КС/M6 Style 18.100

Повеќе информации во Киа Моторс Македонија тел. 02/ 2580 300

Конкуренција:

RENAULT CAPTUR од 13.950 до 19.980 евра
NISSAN JUKE од 17.150 до 31.850 евра
HONDA HR-V од 20.990 до 26.990 евра
MAZDA CX-3 од 18.980 до 32.480 евра
SUZUKI VITARA од 14.980 до 26.280 евра

Поврзани вести

Back to top button