Крај на една ера, Валентино Роси оди во пензија
По цели 26 сезони, легендарниот италијански мотоциклист, Валентино Роси, потврди дека на крајот од сезонава оди во пензија
Цели 26 сезони траеше спектакуларната Moto GP кариера на еден од најдобрите мотоциклисти во историјата, Валентино Роси. Но, се си има свој крај, па така Италијанецот потврди дека по завршувањето на актуелната сезона и официјално ќе замине во пензија. Овие вести и не се сосема изненадувачки, сепак со ова се става крај на една ера која ја одбележа еден од најголемите шампиони во историјата на мотоспортот.
Сепак, ова не е дефинитивен крај. Имено, Роси на Големата награда на Штаерска, местото каде пред 25 години го освои првиот подиум, откри дека ќе се пренасочи на трките со автомобили.
„Тешко е, навистина тажен момент бидејќи е тешко да се каже и да се знае дека следната година повеќе нема да се тркам со мотоциклу. Го правев ова повеќе или помалку 30 години, па така следната година мојот живот ќе се промени. Но, во секој случај, беше одлично. Уживав многу во ова, беше долго патување и навистина забавно“, изјави Валентино Роси и додаде:
„Сакам да се тркам со автомобили. Нешто помалку отколку со мотоцикли, но сепак сакам. Мислам дека ќе се тркам со автомобили од следната година“.
Последната Moto GP титула Роси ја освои во 2009 година, но зад своето име има девет титули благодарение на што е еден од најуспешните возачи во историјата на спортот. Како второпласиран во генералниот поредок завршувал во 2014, 2015 и 2016. Роси на подиумот се нашол неверојатни 235 пати од 1996 година. Исто така е и единствениот возач кој стартувал над 400 трки и забележал 115 победи. Од тоа, дури 89 се во Moto GP.
Up there with the greatest #MotoGP stories ever told! 👏@ValeYellow46, a hero, a legend, an icon! ❤️ pic.twitter.com/76dwayPHyT
— MotoGP™🏁 (@MotoGP) August 5, 2021
Како што се оддалечува од мотоциклите, така се најавува дека тој ќе продолжи активно да се занимава со автомобилите. Тој никогаш не ја криел својата љубов за нив. Еден период постоеја најави дека би можел да се испроба и во Formula 1. Роси истакна дека има желба да се натпреварува на 24 часа Ле Ман, иако посочи дека ништо не е потврдено.