fbpx

Краток тест Fiat 500 Hybrid: Модерна класика со хибридна одлика

Fiat 500 е неприкосновена градска легенда, која сега пристигнува и со хибридни модификации. Заедно со култната Panda, новиот 500 Hybrid е првиот автомобил на FCA групацијата кој ја добива новата „mild“ хибридна технологија останувајќи во чекор со светот

Fiat 500 е синоним за мал градски автомобил, а приказната која датира од 1957 година и еволуира низ автомобилските ери сега доби и свое електрифицирано поглавје. Fiat 500 Hybrid ја добива новата хибридна технологија на FCA групацијата, со што се доаѓа до една нова револуција во урбаната мобилност каде хибридот е достапен до сите и станува појдовна точка за електрифицираната урбана мобилност во Европа.

Почеток на нова ера

Хибридното „фиќо“ ги добива сите бенефиции на ефикасност, компактност, леснотија и пристапност кои пристигнуваат со хибридниот погон, а сето тоа е дел од формулата со која се доаѓа до најдоброто решение за еден градски автомобил. 500 Hybrid одново ја оправдува репутацијата на Fiat за пионерство во технологиите и иноватор во мобилноста, а сега и во одржливото градско движење.

Редакцијата на Авто Плус на тест го имаше малиот Fiat 500, но за разлика од претходно кога ја возевме класичната Rockstar изведба, сега имавме чест да седнеме зад управувачот на електрифицираната верзија која го носи и симболичниот додаток на името – Hybrid. Конкретно, тука станува збор за Fiat 500 Hybrid Launch Edition, односно верзија со највисоко ниво на опременост. Промените кога станува збор за екстериерот се минимални, но својствени и карактеристични. Пред сè тоа се однесува на знакот Hybrid кој е испишан на задниот дел и ексклузивното H лого, формирано од две капки на централниот панел. Капките ја симболизираат утринската роса, која пак е назнака за почетокот на новата ера.

Токму тоа е инспирацијата и за бојата на екстериерот која го носи името Dewdrop Green, која му прилега на автомобилот како специјално искроен костум, во совршена хармонија со тематиката на природата и иновацијата. Тука е и фиксираниот сончев покрив, 16-инчните фелни со својот карактеристичен поглед дефинитивно успеваат да измамат по некој поглед на заинтересираните минувачи, а Dewdrop зелено-тиркизната боја на каросеријата е дефинитивно приказна за себе.

Благ хибрид за лесен допир

Fiat 500 Hybrid пристигнува со новиот благ хибриден погон кој ги комбинира најновиот трицилиндерски FireFly 1,0-литарски мотор кој испорачува 70 КС со 12-волтниот BSG електромотор и литиумска батерија. Во споредба со 1,2-литарскиот мотор кој испорачува 69 КС, оваа блага хибридна технологија ја подобрува потрошувачката ефикасност со што се намалува емисијата на CO2 за 20 проценти. Благодарение на BSG системот, автомобилот е тивок и без вибрации при рестартирањето на моторот со внатрешно согорување во Stop&Start режимот.

Новиот благ хибриден мотор го продолжува наследството на славниот Fire мотор. Погонот го имплементира 1,0-литарскиот трицилиндерски мотор, а максималната моќност која ја испорачува е 70 КС при 6.000 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент изнесува 92 Nm и се достигнува при 3.500 вртежи во минута. Системот BSG е монтиран директно на моторот. Системот ја рекуперира енергијата при сопирањето и намалувањето на брзината, со што енергијата се складира во литиумската батерија со капацитет од 11 Ah и ја користи, со максимална моќност од 3.600 W, за да се рестартира моторот во Stop&Start режимот и за асистирање при забрзувањето.

Ако ги следите „упатствата“ на дигиталниот инструмент кластер, потрошувачката навистина може да се симне до помалку од 5 литри на 100 километри, што е во согласност со очекувањата од еден хибриден систем и мал градски автомобил. Токму поради тоа што станува збор за хибриден систем, не можевме да ги очекуваме ниту перформансите кои беа карактеристични за Fiat 500 Rockstar. Но, фокусот, како што рековме, е ставен на потрошувачката и економичноста, па затоа и забавните перформанси тука се ставени во втор план. Погонскиот систем овозможува спринтот до „стотка“ да се достигне за 13,8 секунди, додека максималната брзина е 167 километри на час.

Fiat 500 Hybrid

Поголема економичност

Fiat 500 Hybrid го задржува меѓуосовинското растојание од 2.300 милиметри, кое во комбинација со должината од 3.571 милиметри, како и поставеноста на веќе споменатите 16-инчни тркала, очекувано, носи нешто потврдо возење, но затоа нуди одлично искуство во свиоците и не покажува никакви аномалии. Хибридната изведба на Fiat 500 можеби не е така забавна како конвенционалната изведба, но намалената потрошувачка и емисија на CO2 би требало да компензираат за сето тоа. На крајот на краиштата, кај Fiat 500 најважна е сликата која се создава, а на такво нешто не може да му се стави цена, ниту пак може да му влијаат нешто послабите перформанси.

Кога станува збор за компактноста и практичноста, тука немаме многу што да додадеме. Веќе е познато дека со своите димензии Fiat 500 е идеален градски автомобил, кој лесно се снаоѓа во густиот градски сообраќај, особено во нашиот главен град, а за паркинг место, што стана хроничен проблем, речиси и да не морате да се трудите. Ако се одлучите и да го активирате City режимот за уште помека реакција на управувачот, тогаш движењата при мали брзини и маневрирањата ќе ви станат дури и забавни. Тука се и 7-инчната дигитална инструмент табла како и 7-инчниот Uconnect HD Live екран на допир како дел од инфозабавниот систем, кој има Apple CarPlay и Android Auto поддршка.

Fiat 500 Hybrid

Препознатлива практичност

Поставеноста на седиштата, кои со својот дизајн носат еден италијански шмек, е висока, со што се добива една одлична прегледност, додека самиот ентериер е комфорен и доста практичен. На задните седишта веќе е познато дека нема премногу простор, но не е ни потребно повеќе за градско возење. Багажникот нуди простор од 185 литри, а со собирањето на задните седишта истиот достигнува до 610 литри.

Конкретниот Fiat 500 Hybrid Launch Edition кој го имавме на тест пристигнува со највисоко ниво на опременост, а тоа значи електрика на прозорците, неколку воздушни перничиња, систем за следење на притисокот на пневматиците, стаклен покрив, темпомат, алуминиумски фелни, централна брава, клима уред, задни паркинг сензори, како и сензори за дожд и светлина.

Цена на тестираниот модел – 16.281 eвра

Технички спецификации за Fiat 500 1.0 Hybrid Launch Edition

моторEURO 6 d, 1.0 бензински мотор со 3 цилиндри, благ хибриден систем
работна зафатнина999 cm3
пречник и од70 x 87 mm
степен на компресија12.0:1
напојувањеMulti Point вбризгување на горивото, два вентили по цилиндар, BSG систем (стартер-генератор), 11 Ah литиумска батерија
максимална моќ70 КС/ 52 KW при 6.000вртежи во минута
макс. вртежен момент92 Nm при 3.500 вртежи во минута
трансмисијана предни тркала преку 6-степен мануелен менувач
потпирањенапред независен Мекферсонов систем, спирални пружини, назад торзиона оска, спирални пружини
сопирачкинапред дискови, назад барабан, ABS, EBD, ESC, ASR, HBA
пневматици195/45 R16
каросеријахечбек со три врати, четири седишта
должина х ширина х висина3571 mm x 1627 mm x 1488 mm
меѓуоскино растојание2301 mm
траги (напред/назад)1407 mm/1397 mm
тежина980 кг
максимална тежина1.360 кг
багажен капацитет185 литри
резервоар35 литри
максимална брзина167 километри на час
забрзување 0-100 km/h13,8 секунди
потрошувачка (комбинирано)3,9 l 100km
емисија на CO288 g/km

Fiat 500 Hybrid во Македонија

Fiat 500 1.0 N3 Hybrid Lounge14.300 евра
Fiat 500 1.0 N3 Hybrid Star15.300 евра
Fiat 500 1.0 N3 Hybrid Rockstar15.300 евра
Fiat 500 1.0 N3 Hybrid Launch Edition16.500 евра
Fiat 500 1.0 N3 Cabrio Hybrid Launch Edition19.000 евра

 

Конкуренција:

Renault TwingoОд 10.690 до 14.990 евра
Citroen C1Од 10.490 до 12.490 евра
Toyota AygoОд 9.390 до 14.990 евра
Peugeot 108Од 10.690 до 13.440 евра

 

Повеќе информации на официјалниот сајт или во продажниот салон на Fiat во Македонија.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button