Краток тест Fiat 500 Rock Star: Забавата продолжува
По речиси една деценија, во редакцијата на Авто Плус на тест возење повторно се најде препознатливиот Fiat 500, но овојпат во едно ново руво, во ликот на Rock Star
Fiat 500 е автомобилска легенда во Европа. Малиот градски автомобил ја започна својата приказна уште во далечната 1957 и се произведуваше се до 1975 година, настрана сите лиценци кои Fiat ги имаше во голем број земји. Во 2007 година, во чест на 50-годишнината од првиот произведен модел, Fiat повторно започна да го произведува автомобилот кој ќе биде омилен кај понежниот пол, но истовремено ќе ги привлекува погледите и на мажите, кои ретко признаваат дека сакаат да го имаат во свој посед. Новиот Fiat 500 со новиот дизајн ја продолжува успешната приказна на својот претходник.
Но, и новиот Fiat 500 е доволно долго на пазарот за да добие свое некое освежување и унапредување. Автомобилот е на пазарот од 2007 година, а покрај малиот фејслифт во 2015 година, се уште успева да се избори на пазарот. Сепак, Fiat не сака да менува нешто што има легендарен статус, најважна е сликата која се создава, а на такво нешто не може да му се стави цена.
Ги исполнува очекувањата
По речиси една деценија, во редакцијата на Авто Плус на тест возење повторно се најде препознатливиот Fiat 500, но овојпат во едно ново руво во ликот и делото на Rockstar верзијата. Како што е напоменато и погоре, малку работи се променети за толку години, но воопшто и нема потреба за такво нешто. Забавата дефинитивно е тука, а како и вистинските рок ѕвезди, така и Fiat 500 Rockstar успева да ги исполни очекувањата. Фактот дека во 2019 година беше надмината бројката од 3 милиони продадени единици зборува сама за себе.
Претставен во летото 2019 година, Fiat 500 Rockstar се карактеризира со мали, но воочливи промени на екстериерот. Впечатливиот и привлечен дизајн е надополнет со спортските браници и страничните прагови, а за целосно уживање под сонцето, тука е и фиксираниот сончев покрив. Не треба да се заборават ниту светлата за магла кои имаат изглед на нулите од логото 500. Изгледот на предните светла е практично ист, но со поинаква графика, а тука се и дневните LED светла. 16-инчните фелни со својот карактеристичен поглед дефинитивно успеаја да измамат по некој поглед на заинтересираните минувачи, а сатенскиот финиш и мат темно зелената боја на каросеријата е дефинитивно приказна за себе.
Унапредувања во внатрешноста
Промените продолжуваат и во внатрешноста, каде што може да се забележат додатоци во духот на времето. Ако се направи еден времеплов од речиси 10 години наназад во времето, Fiat 500 Rockstar во однос на оној модел кој имавме шанса да го возиме претходно, сега добива 7-инчна дигитална инструмент табла со што успева да го држи чекорот со конкуренцијата, а тука е у 7-инчниот Uconnect HD Live екран на допир како дел од инфозабавниот систем, кој има Apple CarPlay и Android Auto поддршка. Графиката на инфозабавниот екран не е врвна, но од друга страна е едноставен и респонзивен за користење, што секако позитивна страна.
Големиот управувач со својата спортска крутост ви дава чувство дека постојано ја имате малата рок ѕвезда под контрола, особено кога 1,2-литарскиот мотор кој испорачува навидум скромни, а за автомобилот повеќе од доволни 69 КС го нуди потребното ниво на забава на градските улици. За маневрирање во помали простори тука е City опцијата, која до 40 километри на час значително го омекнува управувачот. Со комбинираната потрошувачка од 5,1-5,3 литри на 100 километри, Fiat 500 Rockstar навистина претставува економичен избор.
Препознатлив италијански шмек
Седиштата, очекувано, во себе носат италијански шмек благодарение на својот дизајн. Возачкото седиште, кога станува збор за висината, може да се подесува единствено долниот дел, што совршено одговара за градските улици, но за повеќечасовно возење можеби ќе ви недостасува подесувањето на лумбалниот дел за грбот. Во задниот дел од автомобилот, барем кога станува збор за официјалните спецификации, можат да се сместат две лица, а зад нив е малиот, но сепак доволно голем багажник во кој може да се смести една поголема торба или неколку помали. Капацитетот изнесува 185 литри, а со собирањето на задните седишта, расте на 610 литри.
Со своето меѓуосовинско растојание од 2.300 милиметри и вкупна должина од 3.571 милиметри, како и поставеноста на веќе споменатите 16-инчни тркала, очекувано, носи нешто потврдо возење, но затоа нуди одлично искуство во свиоците и не покажува никакви аномалии, што секако е додаток плус за забавниот Rockstar.
Вистинска градска рок ѕвезда
Мораме да признаеме дека навистина уживавме во возењето на Fiat 500 Rockstar. По толку години поминати, навистина чувството беше одлично да се потсетиме на сето она што го нуди „малиот италијанец“ специјализиран за градските улици. Во секој случај исклучително интересен автомобил во кој дефинитивно ќе се заљубите и нема да сакате да го оставите ниту минута.
Цената на тестираниот модел изнесува 15.640 евра, со тоа што во моментов се нуди со попуст, па можете да го добиете за 14.140 евра. Во секој случај, за повеќе информации обратете се на официјалниот веб сајт на Fiat Македонија, или пак посетете го продажниот салон.
Технички спецификации Fiat 500 Rockstar
мотор | EURO 6 d, 1.2 атмосферски бензински мотор со 4 цилиндри во линија сместен напред попречно |
работна зафатнина | 1.242 cm3 |
пречник и од | 70.8 x 78.86 mm |
степен на компресија | 11:01 |
напојување | Multi Point вбризгување на горивото, два вентили по цилиндар |
максимална моќ | 69 КС/ 51 KW при 5.500 вртежи во минута |
макс. вртежен момент | 102 Nm при 3.000 вртежи во минута |
трансмисија | на предни тркала преку 5-степен мануелен менувач |
потпирање | напред независен Мекферсонов систем, спирални пружини, назад торзиона оска, спирални пружини |
сопирачки | напред дискови, назад барабан, ABS, EBD, ESC, ASR, HBA |
пневматици | 195/45 R16 |
каросерија | хечбек со три врати, четири седишта |
должина х ширина х висина | 3668 mm x 1628 mm x 1519 mm |
меѓуоскино растојание | 2301 mm |
траги (напред/назад) | 1407 mm/1397 mm |
тежина | 980 кг |
максимална тежина | 1.360 кг |
багажен капацитет | 185 литри |
резервоар | 39,7 литри |
максимална брзина | 163 километри на час |
забрзување 0-100 km/h | 12,9 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4.5 – 4.7 l/6.1 – 6.5 l/5.1 – 5.3 l 100km |
емисија на CO2 | 136 g/km |
Fiat 500 во Македонија:
Fiat 500 1.2 POP | 11.950 евра |
Fiat 500 1. 2 LOUNGE | 13.300 евра |
Fiat 500 1. 2 CABRIO LOUNGE | 17.000 евра |
Fiat 500 1.2 STAR | 14.300 евра |
Fiat 500 1.2 POPSTAR | 14.300 евра |
Конкуренција:
Renault Twingo | Од 10.690 до 14.990 евра |
Toyota Aygo | Од 9.390 до 14.990 евра |
Citroen C1 | Од 10.490 до 12.490 евра |
Peugeot 108 | Од 10.690 до 13.440 евра |