fbpx

Краток тест Peugeot 3008: Сериозно моќен избор

Последниве неколку години француската марка работи со полна пареа, а резултатите се видливи со проширувањето на гамата и унапредувањето на постоечките модели. Целта на марката е да креира што е можно поголема палета во која клиентите ќе можат да го пронајдат идеалното возило за себе, а еден од нив е и неодамна освежениот 3008

За прв пат преставен на авто салонот во Париз 2016 година моделот 3008 донесе потполно нов вид свежина во понудата на Peugeot. По исклучително добриот пазарен успех во компанијата одлучија дека 4 години подоцна е вистинското време за „фејслифт“ и ревидирање на агрегатската понуда. Новата инкарнација дизајнерски гледано има многу посмел настап одколку предходно, воедно запазена е новата корпоратвна филозофија, па така употребени се иновативни линии како би се нагласил карактерот на возилото.

Впечатлив екстериер и напреден ентериер

Промените на екстериерот се најзабележливи на предниот дел. Особено маркантно и впечатлив делува новиот изглед на светлосните склопови кои се мајсторски интегрирани со предната решетка без рамка најавувајќи ги естетските кодови на иднината. Не помалку атрактивен е и задниот дел каде доработениот изглед на светлосната структура во облик на лавовски канџи изведени во LED технологија, покриени со транспарентно придушено стакло дава јасна динамична слика за моделот. Страничната силуета останува непроменета, а на неа се истакнуваат мускулестите црти над тркала и хромираната линија на долниот дел од браникот која со себе ја носи елегантната нота кај Peugeot 3008.

Кога се зборува за кабината кај 3008 едноставно може да се каже дека е вистински погодок, за тоа е задолжен i-Cockpit-от врз кој се темелат ентериерите на новите модели на марката, тој се смета за еден од најнапредните и најергономските во сегментот. Пред возачот е поставен 12,3 инчен екран во 3D изведба кој овозможува целосна персонализација, управувачот е позициониран ниско и поседува речиси четвртаст облик. Бројот на физички копчиња е сведен на минимум, во замена понудени се „шорткат“ прекинувачи преку кои се доаѓа до посакуваните функции за брз пристап кон командите на 8 инчениот екран. Оние кои прв пат се среќаваат со вакво решение на почетокот може да бидат збунети, но во суштна се е едноставно за управување по кратко привикнување.

Peugeot 3008

Внатрешноста е изведена со високо квалитетни материјали и на патниците им овозможува одлично чувство на удобност и комфор. Како бонус доаѓа капацитетот на багажниот простор кој поседува зафатнина од 520 литри, а доколку се собори задната клупа неговиот капацитет се зголемува 1.482 литри.

Динамика која изненадува

Неколку дена се дружевме со модел под чиј поклопец се наоѓа 1.5 литарскиот дизел агрегат со 130 КС и 300 Nm влечна сила која е на располагање од ниски 1.750 врт/мин. За трансмисија е задолжен 6 степен мануелен менувач кој се одликува со одлично пресметан пренос и оди рака под рака со исклучително флексибилниот мотор кој во реалност може да одржува високо темпо и воедно без проблем да се носи со целосно оптоварено возило. Забрзувањето до 100 км/ч трае 10,8 секунди, додека стрелката на брзиномерот запира на 192 км/ч.

Peugeot 3008

Понудената динамика изненадува во секој поглед, агилноста на подвозјето влеваат доверба како во секојдневната употреба по градските гужви така и на отворен пат. Во просек трошевме 6,3 литри на 100 километри, што за возило со вакви пропорции и тежина од речиси 1,5 тони е одличен успех. Вреди да се напомене дека со освежувањето на стандардните бензински и дизел агрегати на понудата кај 3008 се приклучија и две plug-in хибридни верзии од кои едната (помоќната) нуди и погон на сите тркала.

Пошироката палета на двигатели, како и добро урамнотежените пакети на опременост, дополнети со еден од најмаркантните дизајни во категоријата прават освежениот 3008 да биде сериозно моќен избор при набавката на ново SUV возило.

Цена на тестираниот модел: 28.633 евра

 

Технички податоци за Peugeot 3008 Active Pack 1.5 Blue Hdi:
работна зафатнина 1.499 см3
максимална моќ 130 КС (96 kW)
максимална брзина 192 km/h
забрзување 0-100 km/h 10.8 секунди
комбинирана потрошувачка 4.2 л/100 км
емисија СО2 105 г/км

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 3111 000 или на www.peugeot.mk.

Поврзани вести

Back to top button