Лос Анџелес 2018: елегантниот супер седан Audi e-tron GT
Својата глобална премиера на ова шоу ја доживеа и електричниот концептен модел на Audi наречен e-tron GT, со технологија развиена во тесна соработка со Porsche
Новиот e-tron GT претставува вториот целосно електричен автомобил на овој германски бренд, а ги носи димензиите на A7 Sportback, но во многу поагресивна форма. Овој модел е роден од директната соработна помеѓу Audi Sport и Porsche, почнувајќи од батериите, па се до платформата на која се базира и новиот Porsche Taycan.
Овој целосно електричен купе-седан има целосно рамна подна архитектура, по чија должина се протега батеријата со капацитет од 90 kWh, која му овозможува на овој модел да патува повеќе од 400 километри со едно полнење. Благодарение на 800 волтниот систем за напојување, овој автомобил за време од 20 минути ќе може да се наполни дури до 80 проценти.
Исто така застапена ќе биде и опција за безжично полнење на 11 kW.
Изгледнот на предниот дел е навистина агресивен, со силна хексагонална решетка, Matrix LED фарови и браник со исклучителен спортски дизајн. Изгледот на овој автомобил е одлично надополнет со 22-инчните алуминиумски тркала, а исто така интересен детал е отсуството на рачките на вратите.
Во задниот дел може најмногу да се забележи сличноста со A7 моделот, каде фаровите се поврзани со светлосна лента која се протега по целта должина.
За изработка на овој модел е искористена мулти-материјална конструкција, каде покривниот дел е изработен од јаглеродни влакна заедно со бројни алуминиумски компоненти и потпорни елементи изработени од челик со висока цврстина.
Интериерот се карактеризира со нови и поквалитетни материјали и изработки, како и Alcantara управувач. Опремен е со дигитален екран на допир, кој е ориентиран кон возачот. Исто така тука е присутна и опцијата со која возачот може со гласовни команди да управува со возилото.
Со оглед на тоа дека e-tron GT треба да претставува електрична замена за RS моделите, Audi одлучи да користи по еден мотор на секоја оска и погон на сите четири тркала. Вкупната излезна моќност на овој автомобил изнесува 582 коњски сили, кои му овозможуваат од 0 до 100 километри на час да забрзува за околу 3,5 секунди, додека максималната брзина ќе биде ограничена на 240 километри на час поради тежината на батериите.
Кога ќе излезе на пазарот, овој електричен седан се очекува да има автономност од трето ниво и селектор за избор на работни режими.
Овој концептен автомобил со многу мали визуелни измени ќе започне со производство кон крајот на 2020 година.