Lancia потврди – Delta се враќа и тоа како ЕВ
Lancia се подготвува за прославување на 115-годишнината, а италијанската компанија потврди дека ќе го оживее легендарното Delta име
Со настанувањето на Stellantis беше најавено дека сите брендови кои се дел од групацијата ќе добијат шанса, време и сериозни ресурси за да го оправдаат своето работење, наместо да бидат целосно згаснати како што се претпоставуваше претходно. Така, Lancia ќе добие простор за проширување на својата постава која во моментов е сочинета од само еден модел. Извршниот директор на италијанскиот бренд, потврди дека сите сакаат легендарната Delta да се врати на сцената.
Во разговор за Corriere Della Sera, Наполитано го потврди враќањето компактниот модел: „Ќе се врати повторно и ќе биде вистинска Delta – возубдлив автомобил, манифест на прогресот и технологијата и очигледно е дека ќе биде електричен“.
Целосно електричниот компактен хечбек најверојатно ќе биде базиран на STLA Medium архитектурата, која ќе биде споделена меѓу возилата од C и D сегментот на Stellantis групацијата. Ова ќе овозможи до 700 километри опсег на движење. Исто така нуди поставки за погон на предните, задните или сите четири тркала, со електромотори кои испорачуваат меѓу 170 и 245 КС.
Како потсетување, Lancia произведе три генерации на Delta, а првата беше легендарно возило за брендот и едно од најуспешните имиња во рели натпреварувањата. Помалку популарната втора генерација се продаваше меѓу 1993 и 1999, додека третата и последна генерација се нудеше меѓу 2008 и 2014.
Планови за иднината на брендот
За електричното враќање на Delta се шпекулираше откако Lancia го најави својот нов производствен план кој вклучува и нова генерација на Ypsilon моделот во 2024 година, по што ќе следува електричен кросовер во 2026 и компактен електричен хечбек следната година.
Покрај Delta, Лука Наполитано исто така се осврна и на замената на Ypsilon. Шефот на брендот истакна дека тоа е вториот најпродаван автомобил во Италија по Fiat Panda и е особено популарен меѓу дамите. Сепак, тој додаде дека „сега е вистинското време да се погледне кон иднината од поинаква перспектива“, истакнувајќи дека нивната нова таргет група ќе бидат мажите со повисока просечна возраст опишувајќи ги како „модерни европски клиенти“.
Наполитано додаде дека иднината на Lancia ќе биде фокусирана на мали, средно-компактни и возила знаменосци, сегменти во кои компанијата имаше одлични резултати во минатото. Целта е да се донесе иновација во дизајнот и технологијата, но исто така да се остане доследен на историјата на Lancia.