Lancia со тизер го најави новиот и целосно електричен Ypsilon
Италијанскиот градски автомобил ќе пристигне како ЕВ, а во новата ера ќе влезе со ограниченото издание наречено Edizione Limitata Cassina
По дванаесетгодишен престој на пазарот, на Lancia Ypsilon ѝ дојде време за драстичен редизајн, а таа долго очекувана трансформација треба да пристигне во февруари 2024 година. Новата генерација на премиум субкомпактниот хечбек ќе стапи на сцената со Edizione Limitata Cassina која ќе биде чисто електрична и која беше прикажана во првичниот официјален тизер.
Иако специјалното премиерно издание засега останува сокриено, Lancia објави неколку слики од покриен модел со целосна големина, откривајќи ја силуетата на Ypsilon и посебната контура на хаубата, каде што очекуваме да биде поставен новиот светлосен потпис.
Од друга страна, краткото видео е фокусирано на „таволино“, како што Lancia го нарекува кружниот елемент помеѓу предните седишта. Во Edizione Limitata Cassina, структурата што изгледа како масичка за кафе е обложена со материјал сличен на кожа, опкружен со облога во алуминиумски стил. Lancia вели дека таволиното „силно потсетува на концептот за чувство на дом кој отсекогаш бил централен за брендот“.
Специјалното издание е развиено во соработка со Cassina, италијанска компанија која е специјализирана за мебел од висока класа и веќе има работено со Lancia во концептот Pu+Ra HPE. Ypsilon Edizione Limitata Cassina ќе биде ограничен на 1.906 нумерирани примероци, оддавајќи почит на датумот на основање на Lancia во пресрет на нејзината 117-годишнина.
Lancia Ypsilon ќе се вози на основата на Stellantis, како и голем број други модели од класата од другите марки на групата. Додека специјалната „Cassina“ ќе се нуди исклучиво во форма на ЕВ, Ypsilon ќе се нуди и со благи хибридни погонски единици. Ова значи дека моделот ќе исполни две улоги, да биде првиот ЕВ на Lancia и последната понуда со внатрешно согорување пред италијанскиот бренд да стане само електричен во 2028 година.
Lancia Ypsilon најверојатно ќе биде најважниот модел во 10-годишниот стратешки план на компанијата за ренесансата. Почнувајќи од летото 2024 година, целосно новата трета генерација ќе биде достапна низ цела Европа, што ќе биде почеток на претстојното проширување на Lancia. Моделот наводно ќе се произведува во Сарагоса, Шпанија, веднаш до Opel Corsa. Палетата на еден модел на Lancia ќе расте со предводникот на електричниот кросовер Gamma во 2026 година, проследен со електричниот хечбек Delta во 2028 година.