Land Rover ја претстави својата следна икона – Defender
Во текот на седумте децении со пионерски иновации, Land Rover доби уникатно место во срцата на истражувачите, хуманитарните организации и фамилијата на авантуристи низ целиот свет
Докажан во најсуровите предели на планетата, новиот Defender останува доследен на своето потекло. Со неспоредливиот луксуз и префинетост на фамилијата Range Rover и големите способности и сестраноста на Discovery SUV, новиот Defender ја заокружува династијата на Land Rover.
Моделот 110 е само почеток на оваа фамилија на најспособни и најтрајни 4х4 возила во светот. Набргу ќе следи и моделот 90 со кратко меѓуоскино растојание, а два модели на практични комерцијални возила ќе ѝ се придружат на серијата во 2020 година.
Воден од страста и почитта кон оригиналот, новиот Defender нуди суштински изменето пространство од можности и напредни технологии за движење по секаков терен за да ја редефинира авантурата за 21 век. Во исто време, тој останува верен на својот пионерски дух што е белег на Land Rover веќе 71 година.
Понудените напредни бензински и чисти дизел мотори гарантираат дека Defender ја има моќта, контролата и ефикасноста за секакво опкружување, додека погонскиот систем за plug-in хибридот (PHEV) следната година ќе стане дел од понудата обезбедувајќи шанса за напредок на чисто електрични возила.
Во почеток, ќе се понудат следните бензински мотори: четирицилиндричниот P300 и моќниот шестцилиндричен P400 којшто се карактеризира со ефикасната технологија за делумно хибридно електрично возило (MHEV). Од друга страна, клиентите можат да изберат некој од двата понудени четирицилиндрични дизел мотори – D200 и моќниот D240 – двата мотори имаат потрошувачка на гориво од 7,6 l/100km и емисија на CO2 од 199g/km.
Иновативните инженерски решенија го поддржуваат ефикасното возење, вклучувајќи го рамниот долен дел од каросеријата којшто е инспириран од Formula 1 и ги оптимизира перформансите на аеродинамиката низ целата серија на модели.
Личните доживувања и авантурите се дел од сликата за Land Rover, а новиот Defender останува верен на своето богато наследство и им овозможува на клиентите да го персонализираат своето возило со најголем избор на додатоци досега за да одговара на нивиот животен стил.
Моделот на Land Rover што има најмногу додатоци и овозможува најголема персонализација досега ќе биде достапен во две варијанти на каросеријата, 90 и 110, и со следното ниво на опрема: Defender, S, SE, HSE и Defender X. Клиентите можат да изберат некој од четирите пакети со опрема за да му дадат уникатен карактер на ова издржливо, ново 4х4 возило. Освен овие пакети, достапни се и 170 поединечни додатоци, што значи дека веројатноста да пронајдете два идентични Defender-и е многу мала.
Целиот асортиман на официјалните додатоци е достапен поединечно, но четирите пакети со додатоци ќе им помогнат на клиентите да го скројат новиот Defender за да одговара на нивиот животен стил. Ова се пакетите Explorer, Adventure, Country и Urban.
За да ја задржи добро познатата силуета на Defender, да направи „простор“ за група на каросерии и да ги поддржи најновите електрифицирани погонски системи, Land Rover ја разви новата целосно алуминиумска платформа D7x.
Оваа платформа има уникатна комбинација од практичност, флексибилност и способност што се очекува од 4х4 возило коешто го носи името Defender и не дели ниеден дел од голата каросерија со друг модел на Land Rover. Оваа посветеност кон интегритетот на инженерството значи дека Defender има своја линија за монтажа на каросеријата во новата постројка за производство во Нитра, Словачка.
Со подигнување на позицијата на каросеријата за 20mm споредено со постоечките модели на големи SUV на Land Rover и преместување на одредени елементи меѓу коишто се акумулаторот и водовите од системот за ладење, инженерите на Land Rover направија ултра кратки препусти, преден и заден, што гарантираат импресивни агли на приод и напуштање од 38 и 40 степени.
Со меѓуоскино растојание од 3022mm (99mm поголемо од меѓуоскиното растојание кај Discovery) моделот 110 има агол на рампа од 28 степени (31 степен кај моделот 90) што гарантира одлична геометрија за теренско возење.
Краткиот заден препуст, еднаков за двете каросерии, беше овозможен со решението за надворешно монтирање на резервното тркало, а не со негово поставување под подот во задниот дел. Со ваквото решение, пристапот до резервното тркало при теренско возење е многу едноставен. Заштитниот знак, крајна врата со странично отворање, е направена така што на неа може да се смести која било од расположивите комбинации на тркало и пневматик.
Големата понуда на тркала од 18, 19, 20 и 22 инчи се протега од практичните челични тркала од 18 инчи во белата боја Gloss White па сѐ до тркалата од легура со пет краци со димензија од 22 инчи во црната боја Gloss Black.
Со пневматици за сите сезони или пневматици за теренско возење и максималниот можен надворешен дијаметар на тркалото од 815mm, Defender е достапен со најголемата контактна површина помеѓу тркалото и подлогата меѓу возилата на Land Rover, со неспоредлива тракција и зафат на тркалата со подлогата на кој и да било терен.