Lexus LC мина низ блага рестилизација и доби неколку новини
Lexus одлучи да го рестилизира својот модел LC кој сега пристигнува со повеќе бои и опции, помала маса, а конечно достапен е и Android Auto
Lexus LC е автомобил кој дефинитивно се издвојува со својот изглед. За 2021 моделската година, јапонскиот бренд се надева дека ќе се издвојува уште повеќе со помош на новите бои, опции кога станува збор за тркалата и можеби незначително посилните перформанси. Незначително поради тоа што моќноста останува иста, но со помала маса, без оглед на тоа дали се работи за стандардниот или хибридниот примерок.
Но, не треба ниту да се претера со очекувањата, бидејќи масата е намалена за околу 10 килограми, што е остварено првенствено преку измената на системот на потпирање. Новите попречни рамена се направени од нов материјал, додека 21-инчните тркала се нешто полесни. Интересно е што Lexus истакнува дека тоа се однесува исклучиво на задната единица.
Промените во системот на потпирање не се ограничени само на намалувањето на масата. Инженерите го унапредија овој систем за да обезбедат полагодно возење во поострите кривини, што е постигнато со поголема крутост на задниот стабилизитор, додека рекалибрирана е електронската контрола на амортизацијата.
Промените, кога станува збор за перформансите, во најголема мерка се однесуваат на Lexus LC 500h. Неговата автоматска трансмисија добива логички промени во однос на начинот на кој автомобилот функционира, што во основа значи дека задржува извесен степен на пренос подолго кога возачот силно ќе ја притисне педалата за гас. Исто така, се спушта во втор степен на пренос во острите излези од кривините.
Без оглед на тоа за кој модел станува збор, новите 20-инчни тркала со „темен графитен“ финиш сега се во понудата. Двете нови нијанси под името „Cadmium“ портокалова и „Nori“ бисерно зелена се приклучуваат во палетата. Кога станува збор за внатрешноста, „Flare“ црвената кожа ја заменува „Rioja“ црвената. Лоши вести за љубителите на белата кожа, бидејќи таа е исфрлена од понудата. Како утеха, Lexus го унапреди инфозабавниот систем со Android Auto функција.