fbpx

Lotus го најави својот последен конвенционален модел

Компанијата Lotus го потврди името на својот престоен спортски автомобил, кој ќе биде наречен Emira и ќе биде последниот модел кој ќе се напојува со мотор на внатрешно согорување

Британскиот производител Lotus ги објави првите тизери за својот нов спортски автомобил кој ќе го понесе името Emira, а покрај тоа, компанијата ги сподели и првите детали за истиот, притоа нагласувајќи дека ова ќе биде последниот модел кој ќе користи конвенционален мотор на внатрешно согорување на производителот.

Новиот Lotus Emira, претходно познат како Type 131, ќе треба да ја пополни празнината која ќе настане со заминувањето на Elise, Exige и Evora и ќе служи како мост кон целосно електричниот Evija хиперавтомобил пред британскиот производител да се трансформира во целосно електричен бренд.

Спротивно на претходните извештаи, новиот Lotus Emira нема да користи хибриден погон, туку ќе биде понуден со опсег на конвенционални мотори. Тука ќе бидат вклучени новиот турбо 2,0-литарски четирицилиндричен мотор во комбинација со автоматски менувач со двојна спојка, како и дополнително развиената верзија на 3,5-литарскиот V6 агрегат на Toyota, кој ќе ја задржи опцијата за мануелен менувач, заедно со автоматски.

Од Lotus засега не откриваат никакви технички детали, но како што велат од Car & Drivevr, новиот 2,0-литарски мотор ќе биде снабден од нов партнер кој нема да биде ниту Geely, ниту Volvo, и ќе испорачува повеќе од 300 КС. Ова би можело да значи дека помоќниот V6 мотор ќе понуди уште поголема моќност од актуелните 421 КС кои ги испорачува Evora.

Lotus

Од самите фотографии може јасно да се забележи дека инспирацијата зад стајлингот на новата Emira пристигнува од Evija. Под површината, новиот спортски автомобил ќе користи преработена верзија на архитектурата на Evora, која ќе биде наречена Sports Car Platform.

„Ова е најкомплетниот Lotus со генерации – совршено спакуван, моќен и оформен спортски автомобил. Прекрасни пропорции, мал, но со удобност, технологија и ергономија во себе. Со дизајн инспириран од Evija целосно електричниот хиперавтомобил, овој модел ќе биде клучен Lotus спортски автомобил“, изјави Мет Виндл, директорот на Lotus.

Lotus

Lotus ги откри плановите за својата иднина

Покрај ова, британскиот производител откри повеќе детали околу својата идна стратегија. Не е тајна дека компанијата која е во сопственост на Geely има за цел да го прошири својот опсег на модели и со други возила, а не само со спортски автомобили, а за такво нешто ќе треба да користат четири платформи.

Новиот Lotus Emira ќе биде базиран на веќе споменатата Sports Car платформа, додека целосно електричниот Evija ќе биде изградена на Hypercar платформата. Третата архитектура е наречена Evolution и ќе се користи за целосно новиот опсег на „лајфстајл“ возила, вклучително и долгонајавуваниот Lotus SUV.

„Следејќи го лансирањето на Emira, овие автомобили ќе го катапултираат Lotus во една нова ера на поголем продажен спектар и значителни приходи“, објаснуваат од компанијата.

Четвртата платформа ќе биде наменета за производство на електричен спортски автомобил, а е производ од партнерството меѓу Lotus и Alpine, која ќе биде позната по името E-Sports. Платформата за електричен спортски автомобил ќе се користи за сите идни модели на Lotus и Alpine.

„E-Sports архитектурата ќе биде флексибилна и модуларна и ќе генерира возбудлив нов спортски автомобил за Lotus брендот, со современ стајлинг, врвни возачки карактеристики и упарвливост, експлозивни перформанси и безгрешниот Lotuѕ карактер – вистинско динамично искуство кое е за возачите“, изјави Виндл.

Поврзани вести

Back to top button