Lunaz преобрати класични Rolls-Royce модели во електрични автомобили
Rolls-Royce потврди дека ќе стане целосно електричен бренд во иднина, но од компанијата истакнуваат дека ќе го лансираат првиот електричен модел кога „ќе биде време за тоа“
Иако Rolls-Royce се уште не е подготвен за целосно електричен автомобил, сепак такво возило можете да добиете, само што не е дело на британската компанија. Имено, специјалистите за конвертирање на класични автомобили во електрични возила Lunaz започна со производство на првите класични електрични Rolls-Royce возила: Phantom V и Silver Cloud.
Phantom и Silver Cloud во електрична варијанта се приклучуваат на остатокот од електричната гама на Lunaz која се состои од Jaguar и Bentley модели, а возилата на Rolls-Royce ќе бидат произведени во само 30 единици. Првиот комплетиран автомобил е Rolls-Royce Phantom V од 1961 година кој мина низ целосна реставрација и инкорпорирање на електричниот погон на Lunaz како и целосни хардверски и софтверски унапредувања.
Покрај Phantom, Lunaz исто така ќе го електрифицира и Rolls-Royce Silver Clouds во неколку различни варијанти, вклучително и лимузина со четири врати и купе со две врати. Компанијата ќе ги направи своите електрични Rolls-Royce модели достапни на секој глобален пазар. Цената за Rolls-Royce Silver Cloud by Lunaz почнува од 350.000 фунти, додека електричниот Phantom почнува од 500.000 фунти.
За Silver Cloud I, II и III моделите, Lunaz користи 80 kWh батерија која овозможува автономија од 483 километри. Кај Phantom V компанијата користи 120 kWh батерија која обезбедува идентичен опсег на движење. Секој автомобил конвертиран од страна на Lunaz е опремен со можноста за домашно полнење, но и за брзо полнење на јавни станици.
Покрај унапредувањето на погонот, Lunaz исто така ги опремува овие класични Rolls-Royce автомобили со суптилно поставени модерни додатоци. Тоа вклучува целосно интегриран инфозабавен систем вклучително и сателитска навигација, два екрани за задните патници, модерен клима-уред со различни поставки за секој патник, одделен аудио-систем и многу друго.
На првиот комплетиран Phantom V исто така може да се најде и бар сервис, како и модерен мобилен телефон енкриптиран за целосна приватност.