Маестрално возење на Маркез во Асен
Трката за Големата награда на Холандија од годинашново првенство во „кралската класа“ во Мoto GP беше една од најдобрите, највозбудливите и најнеизвесните во последниве неколку години, во која триумфираше актуелниот шампион на Honda, Шпанецот Марк Маркез
Тој ја имаше и пол позицијата, но уште од самиот старт на чело на колоната се најде возачот на Ducati, Хорхе Лоренцо, кој од 10-то напредуваше до второто место. Тој успеваше да биде на лидерската позиција некаде до средина на трката. Некаде на десет круга пред крајот, водечката позиција постојано се менуваше и на првото место во неколку наврати дојдоа Маркез, Довициозо, Лоренцо и Роси, но сепак одговорот за тоа кој ќе победи го добивме на четири рунди пред крајот, кога актуелниот шампион направи разлика.
Маркез најпрво падна на четвртото место откако имаше контакт со Вињалес, но потоа во еден свиок ги мина Роси и Довициозо и од тој момент направи разлика која не беше достижна за останатите.
Ако на два круга пред крајот беше познато кој ќе победи, возбудувањата продолжија за тоа кој ќе го освои второто место, кое на крајот му припадна на Ринс, кој во последниот брз свиок го мина Вињалес, кој исто така се најде на подиумот. Четврти заврши Андреа Довициозо, додека Роси поради грешката во последниот круг заврши само петти.
Лоренцо скапо го плати тоа што ги истроши пневматиците во круговите кога го бранеше првото место, па на крајот мораше да се задоволи со седмо место, позади Кал Крачлоу кој заврши шести. Со новата победа, Маркез ја прекина серијата на Лоренцо од две победи во низа, но што е уште поважно за него, сега ја зголеми предноста во генералниот пласман на 41 бод во однос на Роси, односно 47 во однос на Вињалес.