Македонска премиера за Volkswagen ID.7
Новиот електричен знаменосец во понудата на Volkswagen, моделот ID.7, ја доживеа својата македонска премиера
Volkswagen ID.7 ја доживеа својата македонска премиера и беше промовиран пред македонската јавност. Електричниот седан на германскиот производител сега ќе биде достапен и на нашиот пазар, а во продажниот салон на Volkswagen во рамките на комплексот на Порше Скопје се изложени и првите примероци.
По светската премиера минатата година, новиот електричен знаменосец на Volkswagen пристигна и во Македонија. Како прв модел поставен на MEB платформата, ID.7 добива целосно нов електромотор наречен APP550 кој испорачува 210 kW (286 КС) и 550 Nm, кој е најмоќен мотор досега поставен кај еден ID модел. Воедно, овој електромотор ќе биде стандарден кај сите верзии, без оглед на капацитетот на батеријата кој ќе го изберат купувачите.
Кога веќе станува збор за верзиите, ID.7 ќе биде достапен во две различни варијанти: Pro и Pro S. Pro доаѓа со батерија која има бруто рејтинг од 82,0 киловат-час (нето 77,0 kWh) што обезбедува опсег на движење од 615 километри. Системот поддржува и DC полнење од 170 kW. Pro S, пак, добива пакет со бруто капацитет од 91,0 kWh (нето 86,0 kWh) што нуди опсег од 700 километри. Капацитетот на DC полнење е 200 kW.
Ентериер
Најголемо внимание кај електричниот седан привлекува ентериерот, кој доаѓа со неколку нови технолошки решенија. Со својот минималистички дизајн, пред возачот се наоѓа мал дисплеј наместо голема дигитална инструмент табла, а сето тоа е поради фактот што ID.7 доаѓа стандардно со head-up дисплеј со проширена реалност кој прави информациите да изгледаат на различни растојанија од возачот. Информациите на екранот може да вклучуваат работи како ознаки на коловозните ленти, информации за растојанието и ограничување на брзината. Контролите на воланот овозможуваат прилагодување на информациите на HUD на она што возачот сака да го види.
Од друга страна, на контролната табла се наоѓа 15,0-инчниот инфозабавен систем кој доаѓа со осветлени лизгачи на допир кои овозможуваат прилагодување на температурата во кабината и јачината на звукот.
Од Volkswagen ги потенцираа и новите ErgoActive седишта со масажерски опции, како и новиот паметен панорамски покрив кој лесно се префрла меѓу проѕирни и непроѕирни сегменти. Дел од напредната технологија се и новите системи за асистенција при патување, како и системот за размена на податоци меѓу возилата развиен заедно со CARIAD. VW ID.7 има способност самиот да ја смени коловозната лента на автопат при брзини над 90 километри на час.
ID.7 ќе се нуди со неколку пакети и понуди за персонализација. како за екстериерот, така и за ентериерот. Повеќе информации за новиот ID.7 можете да добиете на официјалниот сајт или пак во продажниот салон на Volkswagen во Скопје.