fbpx

Македонски дизајнер со своја визија за електрично Yugo

Македонскиот дизајнер Дејан Христов направи своја сопствена визија за модерна интерпретација на култното Yugo во електрична форма

Една од најголемите икони на поранешните југословенски простори без дилеми е култното Yugo. Автомобилот кој се произведуваше во Крагуевац достигна легендарен статус на овие простори и претставуваше идеално превозно средство за голем број генерации. Сега, македонскиот дизајнер Дејан Христов, го реосмисли легендарниот автомобил и го адаптираше за електричната иднина, а неговите рендери станаа хит и преку Атлантикот, каде голем број медиуми ја пренесоа неговата дигитална студија.

Како што може да се забележи од приложените фотографии, Христов својата работа ја потпре на оригиналната верзија на Yugo, без желба да ја прекине препознатливата стилска фигура, притоа додавајќи неколку детали со кои се оддава почит на оригиналниот модел.

Според студијата на Дејан, автомобилот и понатаму би поседувал хауба која во опаѓачки тон би се спуштала кон предницата каде се наоѓа и широката маска од ладилникот каде се сместени фаровите. Тука се и нагласените спортски заштити за кал со изразени мускулести сводови над тркалата, аеродинамичните додатоци на браниците и нагласените странични прагови. На предниот и задниот дел се наоѓа нешто потенка и модерна LED светлосна групација.

Предлог за производство

Интересно е и да се напомене дека новото електрично Yugo е претставено на дигитални фотографии во чија позадина се наоѓаат спомен обележја од поранешна Југославија, па така тука се наоѓаат и некои легендарни градби од Скопје, Крагуевац, Илирска Бистрица, Крушево, Марибор, Никшиќ, Белград…

Yugo

Но, овој проект на Христов не е само уметничка интерпретација, бидејќи тој има и предлог за оживување на оваа модерна верзија на Yugo. Имено, тој планира да го испрати својот проект до српската влада со која ја замислува новата ера на моделот. Тој предлага дека Rimac Automobili од Хрватска може да земе учество во проектот, а развојот и производството да биде преземено од Stellantis кој ја поседува некогашната фабрика на Zastava во Крагуевац, или пак можеби некој кинески производител. Продукциските погони во Србија и локално добиениот литиум за батериите ќе ја намалат цената за производство.

Како целосно електрично супермини, евентуалната реинкарнација на Yugo би можела да се натпреварува со Peugeot e-208, Opel Corsa-e, Renault 5 и Honda e во B сегментот, со цени приближни на Dacia Spring. Со оглед на тоа дека оригиналното Yugo, или Zastava Koral имаше 45 КС моќност, ЕВ верзијата може да ја достигне оваа моќност со единечен електромотор, а притоа да го задржи препознатливиот погон на предните тркала.

Поврзани вести

Back to top button