Manhart ER 800 е Mercedes-AMG E63 S на стероиди
Компанијата Manhart најчесто се поврзува со тјунирани BMW модели, но куќата сега реши да направи своја визија за Mercedes-AMG E63 S
Mercedes-AMG E63 S добива перформанси на ниво на суперавтомобил благодарение на тјунерската компанија Manhart. Германската куќа го претстави моделот Manhart ER 800 кој ќе биде произведен во ограничен број од само пет единици. Како што може да се забележи, понудата на Manhart е базирана на E63 S моделот пред фејслифтот, но истите унапредувања можат да се направат и на поновиот модел, бидејќи двата автомобили се опремени со 4,0-литарскиот битурбо V8 мотор на AMG.
Овој мотор во својата оригинална верзија испорачува 612 КС и 850 Nm максимален вртежен момент, а моќноста се испраќа на сите четири тркала преку AMG Speedshift деветстепениот менувач со двојна спојка и 4Matic+ системот.
Благодарение на унапредените турбополначи, новите карбонски отвори за воздух, спортскиот „даунпајп“ со 300-ќелиски каталитички конвертери и ремапирањето на ECU единицата, моќноста е зголемена на 809 КС и импресивни 1.070 Nm максимален вртежен момент.
Со цел подобро да се справи со толкава моќ, Manhart исто така ги унапреди и сопирачките со карбон-керамички дискови со големина од 405 милиметри напред. Исто така спуштен е воздушниот систем на потпирање за 20 милиметри преку прилагодување на софтверот.
Препознатлив изглед на екстериерот
Како и секој модел на Manhart, така и ER 800 го доби препознатливиот третман со златни графики на црната каросерија и специјално направената црна решетка. Изгледот е комплетиран со сет на мат црни 21-инчни Classic Line тркала обложени со перформансни пневматици со големина од 255/30 ZR21 напред и 295/25 ZR21 назад.
За да го претворите вашиот Mercedes-AMG E63 S во Manhart ER 800 перформансниот кит за моторот чини 17,999 евра, додека карбонските отвори за воздух чинат дополнителни 4.630 евра. Ова се однесува за најмоќната верзија, бидејќи Manhart нуди и поевтини опции со помала моќност користејќи го MHtronic модулот.
Издувниот систем чини 8.499 евра, плус 2.899 евра за „даунпапјп“ цевките и 700 евра за карбонските или керамички издувни цевки. За поспортски изглед потребно е да се доплатат 8.200 евра за тркалата, 999 евра за налепниците, 595 за црната обвивка на решетката и 355 евра за спуштањето на воздушниот систем на потпирање.