Mansory го „истјунира“ Aston Martin DBX до максимум
Aston Martin DBX се покажа како исклучително важен за британскиот производител, а сега овој SUV доби своја верзија од тјунинг компанијата Mansory
DBX ужива неверојатна популарност кај купувачите, а веќе се продава неколкукратно повеќе во однос на сите останати модели на Aston Martin заедно. Но, тоа не значи дека тјунинг компаниите немаат своја и поинаква визија за SUV моделот на британскиот производител, Меѓу нив е и легендарната тјунинг куќа Mansory, која одлучи да ја прикаже својата визија за DBX.
Работата на SUV моделот во Mansory започна со креирање на широк боди кит кој комплетно ја трансформира ставата на Aston Martin DBX. Овој кит вклучува предни и задни екстензии за сводовите над тркалата, темелно ревидирана предница, издолжени странични прагови, карбонски капаци за ретровизорите и редизајниран заден дел со спојлер на покривот, крило на задниот дел и карбонски дифузер.
DBX добива и 24-инчни тркала, додека спуштениот систем на потпирање се погрижи овие нови тркала одлиично да се вклопат во сводовите. Конкретниот примерок кој го прикажа Mansory е офарбан во металик црна боја со Lime зелени акценти, но сопствениците на DBX можат да си изберат своја боја за екстериерот.
Mansory продолжи со промените и во кабината, каде што новавата зелена и црна кожа ги обвива панелите на вратите, патосниците, седиштата, тунелот на менувачот, управувачот и инфозабавниот контролер.
Промените на екстериерот и ентериерот се комплементираат со модификациите на моторот. Mansory го опреми 4,0-литарскиот битурбо V8 со нов сет на турбо полначи и ја модифицираше ECU единицата, овозможувајќи моделот да испорачува 800 КС и 1.000 Nm, значително повеќе од претходните 550 КС и 700 Nm кои овој модел на Aston Martin ги испорачува. Достапни се и два вида на издувни системи. Унапредувањата ќе му овозможат на возилото да го достигне спринтот до „стотка“ за 3,8 секунди, а максималната брзина изнесува 325 километри на час.