Marc Philipp Gemballa има рели верзија на Porsche наречена Marsien
Моделот Marsien е дело на компанијата Marc Philipp Gemballa и претставува своевиден омаж на Porsche 959 кој учествуваше на Paris-Dakar релито
Компанијата Marc Philipp Gemballa го прикажа својот најнов модел наречен Marsien, кој всушност претставува сопствена верзија на Porsche 959. Според најавите, компанијата ќе произведе само 40 примероци на овој автомобил, а половина од нив веќе се продадени. Името на француски значи Марсовец. Истото е инспирирано од црвените песоци на Ал Фаја пустината во Обединетите Арапски Емирати. На ова место компанијата, која е именувана по нејзиниот основач, го тестираше автомобилот.
„Се почувствувавме како да сме во сосема друг универзум. Со оглед на тоа дека изгледаше како да сме на Марс, во комбинација со футиристичкиот дизајн и оф-роуд способностите на возилото, не можевме да помислиме име кое е посоодветно за нашиот прв проект“, изјави Марк Филип Гембала.
Инаку, Marsien има нешто повисок клиренс, се одликува со погон на сите четири тркала, а каросеријата е направена од карбон. Автомобилот е рели-инспирација на 992 генерацијата на 911 Turbo S, но битурбо шесцилиндричниот мотор е тјуниран да добие дополнителни 100 КС моќност од страна на компанијата RUF која е специјализирана за Porsche.
Како стандард, Marsien испорачува 750 КС, но некои клиенти можат да побараат компанијата да го унапреди моторот до 830 КС. Максималниот вртежен момент изнесува 930 Nm, а за квалитетниот звук на моторот е задолжен лесниот издувен систем на Akrapovič.
Оваа моќност, во комбинација со лесната карбонска каросерија и осумстепениот PDK менувач, овозможуваат автомобилот да забрза од нула до „стотка“ за само 2,6 секунди. Максималната брзина која може да ја достигне е 330 километри на час, но само со пневматици за асфалт. Ова е важно бидејќи за разлика од повеќето 911 модели, Marsien не е наменет за „улични“ перформанси. Всушност, моделот добива Michelin Ultra High-Performance пневматици за користење на патиштата, а All-Terain пневматици за оф-роуд користење.
Marc Philipp Gemballa исто така соработуваше со KW Automotive со цел да создаде систем на потпирање кој, со притисок на едно копче, ќе може да ја подигне суспензијата со што ќе се добие 250 милиметри клиренс. Системот на потпирање и моторот се ремапирани да вклучуваат нови Gravel, Mud, Sand и Snow режими исто така. Во случај некој од купувачите да не сака да го користи новиот Marsien на патиштата, може да избере фиксиран систем на потпирање со поголема висина од Reiger Suspension кој пристигнува со целосна рели спецификација.
Каросеријата е дизајнирана од страна на Alan Derosier, кој е познат по големиот број Porsche дизајнерски студии. Тимот направи и голем број на компјутациски динамични анализи со помош на KLK, тим кој има искуство во развојот на аеродинамика од 24 часа Ле Ман, Formula E и Formula 1.
Ентериерот исто така е унапреден, а инспирацијата е земена од Carrera GT. Централната конзола е подигната и направена од карбон со плакета на која е означен продукцискиот број на автомобилот. Исто така има и карбонски странични прагови и карбонски акценти ширум кабината. Кожните седишта со логото на компанијата исто така се инсталирани и можат да бидат персонализирани според спецификациите на купувачите.
За својот труд, Marc Philipp Gemballa бара 495.000 евра, плус цената на 911 Turbo S за еден примерок на Marsien. Производството се очекува да стартува нешто подоцна оваа година.