Maserati ги прикажа првите официјални фотки од MC20 кабрио
Компанијата Maserati јасно посочи дека MC20 ќе добие и своја кабрио изведба уште за време на премиерата на „обичниот“ модел минатата година
Maserati ги објави првите официјални фотографии од кабрио изведбата на моделот MC20, речиси една година по премиерата на оригиналниот модел. Станува збор за галерија фотографии на кои е прикажано камуфлираното возило, а компанијата го опишува како „ран прототип“ кој носи специјална камуфлажа на која се прикажани облаци, јасно алудирајќи дека возачите треба да уживаат под отвореното небо со овој кабрио модел.
Кога станува збор за изгледот, кабрио моделот се до А-столбот е идентичен со купе верзијата. Покривната линија и задната палуба се оние делови кај кои се гледа најголемата разлика. Maserati не објави фотографии од задниот агол со кој ќе може да се направи директна споредба. Сепак, се чини дека горниот дел има куполести делови, а рабовите навестуваат дека отворениот капак на моторот е отстранет со цел да се направи место за складирање на покривот.
Според сите индикации, MC20 кабрио верзијата го користи истиот Nettuno 3,0-литарски битурбо V6 мотор како и купето. Високо-технолошкиот агрегат испорачува 630 КС и 729 Nm максимален вртежен момент, а осумстепениот менувач со двојна спојка ја испраќа моќноста на задните тркала.
Кај купе моделот, овој мотор му овозможува на MC20 да достигне од место до „стотка“ за 2,9 секунди, а максималната брзина изнесува 323 километри на час. Со оглед на додадената тежина од механизмот кој со себе го носи еден кабриолет, овие варијанти се вообичаено побавни од нивните кабрио верзии.
Според производствениот план на италијанската компанија, MC20 кабрио верзијата, која најверојатно ќе го добие името Spider, ќе се најде во продажба во 2022 година. Точното време за лансирање на пазарот се уште не е објавено, но со оглед на тоа дека се објавуваат фотографии од камуфлираниот прототип, значи дека премиерата е мошне блиску.
Според плановите исто така пристигнува и електрична варијанта во 2022 година, но Maserati се уште ги чува деталите за овој модел во тајност.