Започнува новата ера на Maserati

Maserati некое време беше подзаборавен во FCA групацијата, а сега конечно дојде време да му се посвети потребното внимание

Maserati во текот на вчерашниот ден го претстави својот нов спортски автомобил MC20. Станува збор за целосно нов модел и природен наследник на MC12. Но, овој автомобил претставува многу повеќе за италијанската компанија. Ова возило претставува најава и вовед во новата ера на италијанската марка која ќе продолжи со низата нови автомобили кои ќе бидат пласирани во следните неколку години. Токму затоа, веднаш по претставувањето на MC20, Maserati објави тизери за следните два свои автомобили.

Производителот веќе го најави својот нов SUV кој ќе биде поставен под Levante, а ќе ја користи платформата Giorgio на Alfa Romeo Stelvio. Новиот SUV официјално ќе го понесе името Grecale. Нешто помал во однос на Levante, новиот Grecale ќе се произведува и во истата фабрика во Италија како и Stelvio. Автомобилот се очекува да влезе во производство во текот на следната година, а светската премиера се очекува во пролетта 2021. Иако според димензиите не изгледа многу помал од Levante, новиот Grecale ќе биде позициониран поинаку во опсегот, пред се фокусирајќи се на динамиката и практичноста. Освен тоа, новиот кросовер ќе се нуди и како целосно електричен модел, што ќе биде случајот со сите Maserati модели.

Но, желбата на италијанската марка е да има дури седум премиери до 2022 година. Oд нив дури четири автомобили ќе ја користат електричната енергија како погон. За таа цел, Maserati го најави GranTurismo и за таа цел објави тизер. Италијанската компанија не открива премногу детали за автомобилот, но се очекува да пристигне следната година, или најдоцна до 2022. Се очекува и GranCabrio, а покрај стандардното, ќе добијат и електрично издание. Веднаш потоа се очекуваат електричните MC20 и Grecale.

Maserati

На крајот, треба да се напомене дека влегувањето во новата ера Maserati го одбележа и со благо рестилизирано лого кое дебитира на MC20. Компанијата реши да го унапреди своето легендарно лого, кое можеби не изгледа многу различно на прв поглед, сепак нема да помине незабележително од страна на автомобилските ентузијасти и фанови.

Од Maserati велат дека еволуираниот симбол сега е „помодерен, побалансиран и поелегантен“. Со новите промени, вертикалното овално лого кое го сочинува симболот на Maserati, популарниот Трозабец сега станува сино, а целосниот беџ станува двобоен наместо трибоен. Од компанијата новата боја ја нарекуваат Maserati Blue.

Исто така променети се и буквите од името Maserati кои се поставени на автомобилот. Тука станува збор за минимална, речиси незабележителна промена. Исто така, наместо сјајниот финиш, сега тука е сатенскиот хромиран финиш, а од Maserati велат дека тоа создава потехнички ефект.

 

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close