Maserati го покажа GranTurismo Folgore како најава за ЕВ иднината
GranTurismo Folgore е првиот целосно електричен автомобил на Maserati, кој компанијата го најави со неколку тизер фотографии
Компанијата Maserati објави тизер фотографии од камуфлираниот GranTurismo Folgore, првиот целосно електричен автомобил на италијанскиот бренд. На фотографиите се прикажува предницата, профилот и задниот дел на новото 2+2 купе во своја целосно електрична форма, иако Maserati ќе понуди конвенционална бензинска и хибридна верзија, како и Spyder, односно GranCabrio варијанта.
Долгоочекуваната продукциска верзија на концептот Alfieri претставен во 2014 година и наследник на последниот GranTurismo кој излезе од производство во 2019 година. Од фотографиите кои ги објави Maserati, јасно може да се види елегантниот дизајн кој ќе го добие новиот и целосно електричен GranTurismo Folgore.
Со оглед на тоа дека автомобилот исто така ќе добие и конвенционален мотор на внатрешно согорување, севкупната форма наликува на традиционален GT автомобил со мотор поставен на предната страна и се одликува со долга хауба која ги надвисува мускулестите предни крила во кои се сместени фаровите кои наликуваат како оние кои се наоѓаат кај MC20.
Прв луксузен бренд со комплетна електрична постава
Maserati претходно најави дека нивниот електричен автомобил ќе биде „најмоќниот Maserati досега“ со моќност од 660 КС и забрзување од нула до „стотка“ за 2,5 секунди. Не е исклучено овие бројки да припаѓаат на MC20 Folgore наместо на GranTurismo Folgore, но Maserati потврди дека GТ ќе биде првиот кој ќе се појави во продажните салони. Останатите погони кои ќе се појават во поставата вклучуваат и верзија на 3,0-литарскиот битурбо V6 кој испорачува 630 КС и 730 Nm кај MC20 суперавтомобилот, а можно е да има и V8 агрегат.
Италијанската компанија веќе потврди дека ќе продава само целосно електрични возила до 2030 година како дел од Dare Forward 2030 планот на Stellantis. Пет години пред тоа, во 2025, Maserati ќе понуди целосно електрична верзија на секој модел во својата постава, почнувајќи со престојниот Grecale SUV, како и поголемиот Levante SUV, MC20 суперавтомобилот, Quattroporte луксузниот седан и новиот GranTurismo. Maserati тврди дека со ова ќе стане првиот луксузен бренд кој ќе ја комплетира својата електрична постава до 2025.