Maserati MC20 постави нов рекорд во автономно возење со ВИ

Технологијата за автономно возење со високи брзини веќе не е футуристички сон – таа е реалност. Maserati MC20 штотуку докажа дека е можно да се достигнат 318 км/ч без возач. Ова е вторпат овој автомобил да постави брзински рекорд и вторпат тимот кој го води проектот да ја надмине границата на копнената брзина за автономни возила.
Нов рекорд поставен во соработка со Politecnico di Milano и Indy Autonomous Challenge
Научно-технолошкиот универзитет Politecnico di Milano се здружи со Indy Autonomous Challenge за да го постави овој рекорд. Тестирањето се изврши во Kennedy Space Center, конкретно на пистата која се користеше за слетување на вселенските шатлови. Оваа писта со должина од 4,5 километри овозможи услови за достигнување екстремни брзини.
Во овој случај, MC20 користеше софтвер од тимот PoliMOVE-MSU, кој е дел од перформансната дивизија AIDA (Artificial Intelligence Driving Autonomous) на Politecnico di Milano. Видео-снимките од тестирањето прикажуваат како Maserati совршено следи права линија по пистата, забрзувајќи континуирано до рекордните 318 км/ч, пред да ги активира сопирачките пред крајот на патеката. Овој нов рекорд ги надминува претходните 310 км/ч и 192,8 милји на час.
Значењето на овој рекорд за иднината на автономното возење
Зошто да се развива автономен автомобил за толку високи брзини кога денес автономните технологии на ниво 3, 4 и 5 се ретки? Одговорот е јасен – учење и подобрување на безбедноста.
„Овие брзински рекорди се повеќе од демонстрација на идната технологија. Ние ја туркаме AI-софтверската платформа и роботската хардверска опрема до нивните граници. Користејќи уличен автомобил, ја пренесуваме технологијата од автономните трки кон безбедна, сигурна и одржлива мобилност со високи брзини на автопатите“, изјави Пол Мичел, извршен директор на Indy Autonomous Challenge и Aidoptation BV.
Научниот директор на проектот и директор на Одделот за електроника, информатика и биоинженерство при Politecnico di Milano, проф. Серхио Матео Савареси, ја истакна важноста на тестирањата:
„Целта на овие тестови со висока брзина е да се анализира однесувањето на автономните системи во екстремни услови. Овие AI-системи се тестирани на сериски возила на законски дозволени брзини во Indy Autonomous Challenge трките од 2021 година.
Тимот на AIDA ја искористи оваа прилика за да ги помести границите на автономното возење, со што се подобрува безбедноста и доверливоста. Тестовите, изведени во контролирани услови без човечки возач, ја проценуваат стабилноста, отпорноста и времето на реакција на AI-системот, со што се подобрува безбедноста на автономните возила во урбана средина.“
Овој вид тестирања може да се спореди со развојот на технологии во автомобилските трки, кои со тек на време се имплементираат во сериските модели. Иако денес не користиме автономен софтвер за возење со троцифрени брзини, ваквите тестови ќе придонесат за безбедно воведување на вакви решенија во иднина.