fbpx

Maserati со ново видео ја продолжи тизер кампањата за MC20

Првиот целосно нов Maserati кој ќе пристигне по неколку години, моделот MC20, официјално ќе дебитира на 9 септември

Maserati претходно годинава потврди дека нивниот нов спортски модел ќе ја понесе ознаката MC20, што претставува скратеница за Maserati Corse 2020 и е потсетник на тркачкото педигре на компанијата. MC20 требаше својата премиера да ја доживее во мај, но поради корона кризата, истата е одложена за септември. Италијанскиот бренд водеше долга тизер кампања за својот нов модел во последните неколку месеци, а со последното видео ни дава можност да видиме како ќе изгледа автомобилот без никаква камуфлажа.

Иако не станува збор за тизер кој открива многу, сепак е доволно за да се забележи заоблената каросерија и вентилирачката прекривка за моторот на задниот дел. Иако не е „хардкор“ како неговиот претходник MC12, новиот MC20 се смета за духовен наследник и вистински Maserati кој ќе добие свој мотор, наместо да се потпира на агрегат на Ferrari како што беше случајот со MC12.

Италијанците се уште не ги откриваат сите детали и наведуваат дека Maserati MC20 ќе биде суперспортски автомобил кој е природна еволуција на мошне успешниот MC12 кој во текот на својата кариера забележа 22 победи и 14 шампионски титули. Автомобилот воедно ќе претставува и почеток на една нова ера за италијанската марка, а ќе добие и своја електрична варијанта, која ќе располага со три електромотори, погон на сите четири тркала, батерии од 800V, голема автономија и брзо време на полнење.

Maserati MC20 ќе се напојува со новиот битурбо 3,0-литарски V6 Nettuno мотор со 630 КС и 730 Nm максимален вртежен момент. Ова е првиот мотор кој е целосно изработен од Maserati по 20 години и е развиен со електрификација, со оглед на тоа дека MC20 ќе добие и хибридна верзија.

Премиерата на новиот MC20 ќе се случи на 9 септември, а првите испораки на автомобилот се очекуваат во 2021 година. Една година подоцна ќе пристигне и кабрио верзијата.

Поврзани вести

Back to top button