Mercedes-AMG GT 63 S E Performance е најмоќниот AMG досега
AMG одделот на Mercedes дополнително ја проширува и онака богатата постава на GT 4-Door со Mercedes-AMG GT 63 S E Performance
Она што Mercedes-AMG го најави пред некое време, сега и официјално го потврди со претставувањето на новиот 63 GT S E Performance моделот, најновиот додаток во поставата на AMG GT 4-Door. Станува збор за првиот plug-in хибрид на AMG, за што сведочи и буквата „Е“ во називот на моделот.
Дека во AMG не се шегуваат, потврдуваат и бројките, а според истите, ова е најмоќниот модел на брендот досега. Под хаубата на 63 GT S E Performance се наоѓа битурбо 4,0-литарски V8 мотор, заедно со 6,1 kWh батерија и електромотор поставен на задната оска, со што автомобилот добива 842 КС моќност и 1.400 Nm максимален вртежен момент.
Перформансни унапредувања
Инженерскиот тим во Афалтербах работеше заедно со Mercedes-AMG Formula 1 погонот за мотори во Велика Британија за да ја создаде моќната, а сепак лесна батерија. Самата батерија тежи 89 килограми и испорачува 206 KС. Но, со оглед на тоа дека целта на батеријата е моќност, а не опсег на движење, Mercedes-AMG 63 S E Performance има скромни 12 километри автономија за движење исклучиво на струја.
Настрана опсегот на движење, GT 63 од нула до „стотка“ ќе стигнува за само 2,9 секунди, што е побрзо од GT Black Series Coupe (3,1 секунда), додека максималната брзина која може да ја достигне изнесува 315 километри на час.
На веќе достапните возачки режими на GT 53 и GT 63 моделите – Comfort, Sport, Sport Plus, Race и Slippery – им се приклучува новиот Electric возачки режим, кој му овозможува на 63 GT S E Performance да се движи исклучиво на струја со брзини до 130 километри на час. Згора на тоа, тука е и регенеративниот сопирачки систем со четири фази кој се движи од Level 0 (исклучено) до Level 3 (возење со една педала), со регенеративен мод наменет исклучиво за тркачките патеки и дизајниран за перформанси.
Минимални разлики во дизајнот
Како и на останатите модели во опсегот, така и новиот AMG GT 63 добива AMG Ride Control Plus кој вклучува адаптивен систем на потпирање со систем на воздушни амортизери. Поставките за суспензијата можат да се подесуваат индивидуално преку возачките режими, или автоматски зависно од режимот.
Визуелно, S E Performance моделот не добива многу промени во однос на традиционалниот GT 63, но постојат неколку унапредувања кои треба да се споменат. Предниот браник сега добива елементи од GT Coupe, полначкиот порт – лоциран на задниот браник – се претопува во металот веднаш под задните светла, а тука се и новите 20 и 21-инчни опции за тркалата. Истите слчности може да се кажат и за кабината – MBUX инфозабавниот систем од сите останати GT модели е пресликан, заедно со новиот двокрак управувач со хаптички копчиња.
Од Mercedes-AMG се уште ги немаат откриено цените, а GT 63 S E Performance својата премиера пред јавноста ќе ја доживее на Салонот во Минхен, додека во продажба ќе се најде подоцна оваа година.